Пет лица, меѓу кои екс пратеничка и поранешен воен командант, уапсени во акцијата „Емисар“ во БиХ

Пет лица, меѓу кои поранешната пратеничка Николина Шљивиќ и поранешниот воен командант Насер Ориќ, се приведени во полициската операција „Емисар“, насочена против организирана криминална група во Босна и Херцеговина, соопшти централната телевизија на Република Српска (РТРС).

 

Операцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи на Република Српска, со поддршка на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) на Босна и Херцеговина, а се вршат претреси на повеќе локации на територијата на Република Српска и на Федерацијата Босна и Херцеговина, објави телевизијата.

 

Шљивиќ, поранешна пратеничка во парламентот на Република Српска, е уапсена во Источно Сараево, наведува РТРС, а поранешниот командант на босанската муслиманска армија, Ориќ, е приведен во областа на градот Олово, што го потврдиле од СИПА за телевизијата.

 

Целта на операцијата е откривање и документирање кривични дела поврзани со учество во организирана криминална група и попречување на докажувањето, во врска со обид за убиство. Акцијата се спроведува под надзор на Специјализираното одделение за борба против корупцијата, организираниот криминал и најтешките економски кривични дела при Обвинителството на Република Српска.

 

Случајот е поврзан со нападот од 2 август 2026 година во Источно Ново Сараево, кога бизнисменот Коста Пандуревиќ бил застрелан најмалку двапати во својот автомобил, во кој се наоѓало и неговото двегодишно дете. За пукањето е осомничен Ѓорѓе Ждрале, кој потоа избегал и сè уште е во бегство.

 

Според истражителите, Ориќ и Шљивиќ се осомничени дека му помогнале на Ждрале да се крие и ја попречувале истрагата, меѓу другото, обидувајќи се да влијаат врз Пандуревиќ да го промени исказот за напаѓачот.

 

Дополнителни информации за резултатите од операцијата ќе бидат објавени по завршувањето на полициските активности, соопшти РТРС

Back to top button
Close