Литванија приведе пет лица осомничени за соработка со руски државни медиуми


Литванските власти приведоа пет лица осомничени дека соработувале со руски државни медиуми и за пари спроведувале активности насочени против Литванија – соопшти денеска Канцеларијата на генералниот обвинител, а пренесе јавниот радиодифузен сервис ЛРТ (LRT).

Истрагата била иницирана откако властите добиле првични информации дека група литвански државјани од есента 2024 година одржувала контакти со претставници на руската државна телевизиска и радиодифузна компанија.

Осомничените се товарат дека извршувале задачи зададени од руската медиумска компанија, меѓу кои собирање и пренесување информации – соопшти обвинителството.

„Достапните информации даваат основа за сомневање и дека овие лица подготвувале и ширеле информации во Литванија, што биле во согласност со руските интереси и ги повторувале пропагандните наративи на Русија“ – се наведува во соопштението.

Во рамките на истрагата биле извршени повеќе од 10 претреси на различни локации, а во операцијата учествувале и литванските разузнавачки служби – додаде обвинителството.

На петтемина приведени официјално им биле соопштени сомневањата врз основа на одредба од литванскиот Кривичен законик, што се однесува на помагање на друга држава во дејствувања против Литванија.

Предистражната постапка ја води и ја надгледува Регионалното обвинителство во Вилнус, а истрагата ја спроведува Одделот за истраги на организиран криминал при Полициската управа на округот Вилнус.

Истрагата е во тек, а одлуките за евентуалните мерки во претходната постапка се очекува да бидат донесени во наредните денови, соопшти обвинителството, додавајќи дека во оваа фаза не можат да откријат повеќе детали за да не се загрози истрагата.

Back to top button
Close