Полска очекува креативни решенија од НАТО за да се заштити од упадот на руски дронови и ракети

Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски денеска во полскиот Сенат изјави дека Полска очекува нејзините сојузници да предложат креативни решенија за заштита на источното крило на НАТО, по инцидентот што се случи минатата недела, кога три руски крстосувачки ракети паднаа неколку десетици километри длабоко на полска територија.
– Се појавуваат креативни идеи. Се надевам дека НАТО, во духот на солидарноста, ќе ги преточи овие идеи во конкретни чекори, наведе Шикорски.
Тој истакна дека Полска реагирала веднаш, барајќи солидарност од своите сојузници, и оти, како прв чекор, веќе е одлучено во регионот да се распореди авион од типот „Авакс“ (AWACS) наменет за рано предупредување и контрола од воздух.
– Сепак, ни се потребни и други одбранбени капацитети, конкретно за противвоздушна и противракетна одбрана. Потребни ни се повеќе борбени авиони пресретнувачи, ракети и дополнителни системи за одбрана од ракети и беспилотни летала, посочи Шикорски.
Во Полска се води жестока дебата за тоа како армијата треба да одговори. Повторно се разговара за идејата за пресретнување на ракети и беспилотни летала што се движат кон полскиот воздушен простор додека тие се сè уште над украинска територија. Но, тоа е отфрлен од поголемиот број западни сојузници, кои стравуваат дека Русија би можела да го протолкува таков потег како ескалација на војната.
Шикорски ја коментираше и неодамнешната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој наведе дека рускиот претседател Владимир Путин е негов пријател кој ќе влезе во историјата.
– Владимир Путин секако ќе влезе во историјата – како агресор, како руски лидер кој се обиде да обнови империја, но не успеа, посочи Шикорски.






