Половина милијарда денари годишно оделе кај лица кои немале право на социјална помош, откри Мицкоски


Враќањето на старите долгови, исплатата на каматите и обезбедувањето средства за буџетскиот дефицит и капиталните инвестиции ќе бидат едни од најголемите финансиски предизвици во следните две години. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања, посочувајќи дека за овие потреби ќе треба да се обезбедат околу пет милијарди евра.

Мицкоски објасни дека државата ќе мора да се задолжува на меѓународните финансиски пазари, бидејќи условите за обезбедување ликвидност се поинакви во споредба со периодот на пандемијата, кога имаше поголема достапност на финансиски средства, објави 4news.mk

Според него, дополнителен предизвик е обезбедувањето пари за тековните проекти, а буџетскиот дефицит е планирано да се движи до 3,5 проценти од бруто-домашниот производ.

„Следните две години ќе бидат прилично предизвикувачки во смисла дека е потребно да се вратат, да се презапишат стари долгови и да се врати каматата, и тоа да се финансира буџетскиот дефицит и капиталните инвестиции, некаде околу 5 милијарди евра“, рече Мицкоски.

Премиерот сепак изрази уверување дека Владата ќе успее да ги обезбеди потребните средства и да ги реализира преземените обврски. Меѓу нив ги посочи колективните договори во здравството, образованието, јавната администрација, судството и обвинителството, како и најавеното зголемување на пензиите и социјалните трансфери.

Во однос на социјалната помош, Мицкоски откри дека при ревизијата спроведена од Министерството за социјална политика, демографија и млади биле откриени околу 4.000 корисници на гарантирана минимална помош кои, според проверките, немале право на оваа финансиска поддршка.

Тој посочи дека станува збор за средства во износ од околу половина милијарда денари годишно, кои биле исплаќани на лица кои не ги исполнувале условите.

Дополнителните проверки се спроведуваат во соработка со Министерството за внатрешни работи, преку споредување на базите на податоци, со цел да се утврди дали сите корисници ги исполнуваат законските услови за добивање социјална помош.

Мицкоски нагласи дека неправилностите биле распространети низ целата држава, од Дебар до Делчево и од Гевгелија до Куманово, оценувајќи дека станува збор за системски проблем.

Back to top button
Close