(ВИДЕО) На уставните судии им отсвиреа погребен марш – симболична порака од вработените во културата
Со изведба во живо на „Funeral March of the Proletarians“, познат и како Лениновиот погребен марш, учесниците на протестот на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) денеска испратија симболична порака до уставните судии.

Изборот на композицијата носи силна симболика. Погребниот марш на пролетаријатот е поврзан со историјата на работничките и револуционерните движења, со оддавањето почит на загинатите во борбата за работнички права, но и со идејата за колективен отпор и солидарност.
Во контекст на денешниот протест, неговата изведба може да се протолкува како предупредување за симболичното погребување на стекнатите културни работнички права, доколку тие бидат загрозени со одлука на Уставниот суд.
Културните работници, користејќи ја музиката како средство за протест, се обидоа нивната порака да допре до судиите и надвор од формалните институционални постапки.
Протестот се одржува поради постапката за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и членот 78-и од Законот за култура.
Од Синдикатот стравуваат дека евентуалното укинување на оспорените одредби може да ги загрози стекнатите права на илјадници вработени во културниот сектор.
Тие бараат Уставниот суд да го одложи одлучувањето сè додека не се одржи јавна расправа на која синдикалните претставници ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.






