Сопственици на имоти на автопатската траса Скопје-Блаце излегоа на блокада


Државата влегува на приватен имот без дозвола за да гради автопат, обвинија денеска сопственици на парцели кои се наоѓаат на трасата Скопје-Блаце, кои излегоа на блокада.

Тие, како што пренесува Телма, имаат снимка од пред два дена кога камионите на изведувачот влегле на парцелата на Сашо Јанкуловски, а кога тој почнал да ги снима тие избегале.

-Ова е некој анархистички однос, права анархија. Мислам дека и во комунизмот вака не постапувале, воопшто ништо немаат платено, ниту пак имам потпишано спогодба. Сум ја одбил нормално за таква срамна, бедна цена – вели Јанкуловски.

Педесетината сопственици на земја се револтирани и по втор пат се обидоа да ја блокираат Јадранска магистрала, но, како што велат, полицијата им се заканила со кривични пријави и парични казни.

Тие не се согласуваат со проценката на државата за квадрат земјоделско земјиште да им даде 20 евра, а за градежно тоа да биде 50 евра.

-Мислам дека се прави голема неправда, ми се зема половина од плацот каде што имам камиони песок и паркинг. Дури и автопатот ми поминува пред врата. Не е арно за сите нас. За да отворат пат натаму оштетуваат многу фирми – рече Абдураман Мифтари.

Според Тони Кокуновски, сопственик на земјиште, требало да се одземат по десет метри од страна и булеварот да биде до кружниот тек од каде ќе се поминува кон Косово.

Жителите велат дека за оваа ситуација ја известиле и ЕБОР која го финансира проектот.

Тие обвинуваат дека вештакот што ја правел проценката нема лиценца, а е правена врз, како што велат, лажна документација.

Back to top button
Close