Претепани двајца вработени во „Комунална хигиена“ додека чекале автобус во Скопје


Двајца вработени во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје биле физички нападнати од неколку лица на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Двајцата се здобиле со телесни повреди, констатирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ потврдија дека нападот се случил околу полноќ, а бил пријавен попладнево во 16 часот.

„На 29.11.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје А.М. (46) од Скопје пријавил дека на бул. ‘Партизански Одреди’ на автобуска постојка заедно со неговиот колега Р.С. (30) од Скопје, вработени во ЈП ‘Комунална хигиена’, биле физички нападнати од неколку лица на 29.11.2026 околу 00:00 часот. А.М. и Р.С. се здобиле со телесни повреди констатирани во Клинички центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР

Според информации објавени на социјалните мрежи, двајцата работници ги завршиле работните задачи, по што земале храна и чекале автобус за да се вратат дома. Во објавата се наведува дека двајцата се во тешка финансиска состојба, а едниот од нив издржува осум деца со една плата.

Во истата објава се тврди дека напаѓачите се претставиле како членови на навивачката група „Комити“.

Од полицијата не соопштуваат ниту дали напаѓачите се идентификувани, дали има приведени лица и кои биле мотивите за нападот. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close