ДУИ: Веднаш да се идентификуваат и казнат комитите кои брутално претепаа двајца работници Албанци на „Комунална хигиена“


Демократската унија за интеграција (ДУИ) го осуди физичкиот напад врз двајца работници Албанци на „Комунална хигиена“ во Скопје, кои, според партијата, ноќта на 28 ноември биле брутално претепани од група лица кои самите се идентификувале како „комити“, повикувајќи се на информација објавена од порталот „Pa censurë“.

Од ДУИ наведуваат дека фактот што напаѓачите, според информациите, најпрво ги прашале работниците дали се Албанци, а потоа ги нападнале додека биле облечени во работните униформи, отвора сериозни сомнежи за етнички мотивиран напад.

Партијата оценува дека ваквото насилство е неприфатливо во мултиетничка држава, во која безбедноста и еднаквоста треба да важат за сите граѓани, без разлика на етничката припадност.

ДУИ бара од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и од министерот Панче Тошковски да обезбедат институционална одговорност, целосна истрага, идентификување на сите напаѓачи и нивно санкционирање.

Од партијата бараат целосно идентификување на сите лица кои учествувале во нападот, професионална истрага за мотивите, вклучително и сомнежите за етничка мотивираност, покренување соодветни постапки и казнување на одговорните.

Дополнително, ДУИ бара јавно појаснување за мерките што ги презело и што ги презема Министерството за внатрешни работи за гарантирање на безбедноста на граѓаните.

„Албанците не смеат да стравуваат да работат, да живеат и безбедно да се движат во главниот град на сопствената држава“,наведуваат од Демократската унија за интеграција во реакцијата.

Back to top button
Close