Шпанците гласаат на предвремени парламентарни избори, одѕивот повисок од 2023 година

Одѕивот на парламентарните избори во Шпанија до 18:00 часот изнесува 68,1 отсто, што е значително зголемување во споредба со 53,1 отсто, колку што беше во истиот период на претходните избори во јули 2023 година, покажуваат преlиминарните податоци на шпанското Министерство за внатрешни работи.
Социјалистичкиот премиер Педро Санчез, кој се кандидира за нов мандат, изјави дека конечниот одѕив од 75 отсто или повеќе веројатно би довел до формирање „прогресивно мнозинство“.
Сепак, речиси сите анкети на јавното мислење спроведени пред изборите покажуваа дека конзервативната Народна партија (ПП) и екстремно десничарската партија Вокс заедно би можеле да го достигнат прагот од 176 пратенички места, неопходен за парламентарно мнозинство.
Конечниот одѕив на изборите во јули 2023 година изнесуваше 66,6 отсто. Тогаш Народната партија освои најмногу гласови, но не успеа да обезбеди доволна парламентарна поддршка за формирање влада.
Санчез, кој управува со кревки малцински коалиции од 2018 година, распиша предвремени избори, со образложение дека му е потребно мнозинство откако парламентот ги отфрли мерките наменети за решавање на сериозната станбена криза, која беше една од главните теми во предизборната кампања.
Првите резултати од излезните анкети за изборите ќе бидат објавени по 20:00 часот, веднаш по затворањето на избирачките места на Пиринејскиот Полуостров, Балеарските Острови, Сеута и Мелиља. Првични официјални резултати, пак, според шпанскиот изборен закон, ќе почнат да се соопштуваат по 21:00 часот, откако ќе се затворат последните избирачки места на Канарските Острови.






