Излезни анкети: Десничарскиот блок победник на изборите во Шпанија, Санчез ја губи власта

Централно-десничарската Народна партија (ПП) на Алберто Нуњез Феихо ќе има најмногу пратенички места и заедно со крајнодесничарската Вокс би можеле да освојат апсолутно мнозинство во парламентот, покажуваат резултатите од излезните анкети од денешените предвремени парламентарни избори во Шпанија.

Според податоците што ги објави шпанскиот јавен тв сервис РТВЕ, ПП би освоила 32,2 отсто од гласовите што значи од 129 до 134 пратенички места, плус два мандата од нејзиниот сојузник УПН, додека Вокс би имала 16,2 отсто од гласовите односно од 44 до 48 пратеници.

Заедно десничарската коалиција би имала меѓу 175 и 184 пратеници, над прагот од 176 места потребни за апсолутно мнозинство во Конгресот на пратениците.

Според проценките на анкетата, математички е малку веројатно десничарскиот блок да остане под прагот за апсолутно мнозинство.

Шпанската Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез е втора со 28,8 отсто од гласовите, што е за три процентни поени помалку во споредба со изборите во 2023 година. Социјалистите ќе освојат меѓу 119 и 124 пратенички места, резултат близок до 121 мандат што го освоија на претходните избори.

Растот на десничарскиот блок, кој би освоил речиси 49 отсто од гласовите, би ги спречил социјалистите повторно да обезбедат поддршка од другите партии за формирање влада и реизбор на Санчез за премиер.

Доколку кон ПСОЕ се додадат и останатите политички формации, со исклучок на каталонската партија Јунтс, опозицискиот блок би имал меѓу 159 и 169 пратеници, што не е доволно за мнозинство.

Право да гласаат на изборите во Шпанија имаа  38,7 милиони граѓани. Се гласаше за 350 пратенички места во Конгресот на пратениците (долниот дом на парламентот), како и за 208 од 266 членови на Сенатот.

Преговорите за владејачката коалиција немаат рок, но новата влада мора да се формира во рок од два месеца од тоа гласање за да се избегнат нови избори

Back to top button
Close