Постојат сериозни сомнежи дека нападот врз скопските комуналци може да има етнички мотиви, вели заменик-министерот за внатрешни работи Исени

Полицијата приоритетно ќе испита дали двајцата работници на скопското ЈП „Комунална хигиена“ биле нападнати поради нивната етничка припадност, најави на Фејсбук заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени. Тој наведе дека постојат „сериозни сомневања дека нападот може да има етнички мотиви“. Според исказите на работниците што ги пренесе Исени, напаѓачите се претставиле како „Комити“.
Исени напиша дека здравствената установа во која повредените побарале лекарска помош не ја известила полицијата за нападот. Откако самите работници го пријавиле случајот во полициската станица „Карпош“, полицијата почнала истрага и обезбедила сведоци.
„Сите потребни полициски и истражни капацитети ќе бидат ангажирани за идентификување на сторителите и целосно расветлување на околностите. Секое лице за кое ќе се утврди дека учествувало во овој напад ќе одговара пред законот“, напиша Исени.
Според МВР, 46-годишниопт А.М. и неговиот колега, 30-годишниот Р.С., биле нападнати околу полноќ на 29 ноември, на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди“.
На двајцата им биле констатирани телесни повреди во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а А.М. го пријавил нападот истиот ден во 16 часот.






