Нов документарен филм на Види Вака „Меѓу жедта и заразата“

– Медиумот Види Вака го најави првиот од шесте мултимедијални документарни приказни, со наслов ,,Меѓу жедта и заразата“.

Филмот е посветен на предизвиците со кои се соочуваат две семејства од Кумановско кои немаат пристап до питка вода во време кога светот се соочува со пандемија од коронавирус.

Автор на филмот е новинарот Сунаи Сабриоски, а директор на фотографија е Крсте Шупев. Продуценти на документарниот филм се Мите Кузевски и Горан Игиќ.

Преку лични искуства на граѓани, серијалот ги претставува системските проблеми кои произлегуваат од непостоењето на Закон за антидискриминација, кој е од клучно значење за земјава.

Пандемијата на коронавирусот само дополнително ја истакна потребата од постоење на квалитетен и спроведлив Закон за заштита и спречување од дискриминација. Откако Уставниот суд го укина новиот закон се создаде правна празнина која маргинализираните групи ги остави целосно надвор од системот.

Од тимот на Види Вака истакнаа дека ќе продолжат и во иднина да ги покриваат темите кои ги засегаат ранливите и маргинализираните групи и да поттикнуват унапредување на човековите права преку медиумски содржини.

Back to top button
Close