РКЕ и ЗНМ ја продлабочуваат соработката

– Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) потпишаа меморандум за соработка во кој основен постулат е информирање на граѓаните за постапките и процесите за заштита на правата на потрошувачите за енергетските услуги.

Целта на потпишувањето на меморандумот е да се направи платформа за соработка и обуки помеѓу членовите на РКЕ и новинарите, како и кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на РКЕ. Со меморандумот се опфаќа можност за пристап до стручни материјали и литература во РКЕ и ЗНМ, изработка на анализи и истражувања.

Меморандумот за соработка, порачуваат од РКЕ, е дополнителен чекор кон унапредување на мисијата за транспарентност на работењето, а точната и навремена информација кон медиумите и јавноста е клучна во оваа определба.

-Од првиот ден кога ме назначија за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, заедно со членовите клучна цел што ја зацртавме ни беше институцијата да ја отвориме за граѓаните, затоа што и основната функција на регулаторното тело е да ги штити правата на потрошувачите. Со оглед на тоа дека регулираме дејности кои задираат во основната функција на живеењето и работењето, свесни за неопходноста на точна и навремена информација до јавноста и граѓаните го зајакнавме тимот соодветно со лица кои ќе работат токму во овој сегмент, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Тој нагласи дека во РКЕ  се убедени оти искуството од Здружението на новинарите убедени ќе им помогне во обука на стручните службите во квалитетно пласирање на информациите за јавност, а и нашата експертиза ќе ја надградиме во насока на вештини за поедноставена комуникацијата разбирлива за сите.

-Овие заложби не се само декларативни, истите позитивно се рефлектираа во однос на оценетата транспарeнтност и стручност преку признанијата што ги добиваме од Енергетската заедница за најдобар регулатор од членките и тоа две години по ред, посочи Бислимоски.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека меморандумот е формализација на заложбите за точна и навремена информација за потрошувачите на услугите кои ги регулира РКЕ, а ќе претставува и основа за понатамошна взаемна соработка .

-Сметаме дека подобрената соработка со РКЕ може да донесе бенефит не само за новинарите и членовите на РКЕ, туку и за јавноста во целост, изјави Чадиковски.

Тој додаде дека со отворањето на РКЕ се зголемува транспарентноста на оваа институција.

-Тоа ќе помогне на новинарите од економските редакции подобро да ја разберат суштината на работата на РКЕ, но и на компаниите од оваа дејност кои и ќе имаат целосен пристап кон информации што ја третираат оваа тематика, рече Чадиковски.

Back to top button
Close