Песков: Неприфатливи обвинувањата за вмешаност во труењето на Навални
Кремљ верува дека сите обвинувања за вмешаност на руски официјални лица во инцидентот во врска со рускиот опозициски политичар Алексеј Навални се априори погрешни и неприфатливи, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков на овој начин реагираше на изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој рече дека постои „значителна шанса“ високи руски функционери да наредиле наводно труење на Навални.
– Ја слушнавме неговата изјава. Заинтересирани сме да ја откриеме причината за инцидентот. Веруваме дека какви било директни или индиректни врски и навестувања за вмешаност на кој било руски претставник во овој инцидент се неприфатливи и априори погрешни и ја искривуваат реалноста, рече Песков.
Навални, кој е во болница во Берлин, беше префрлен со авион во Германија откако минатиот месец му се слоши за време на авионски лет во Русија.
Германија тврди дека тој бил отруен со нервниот агенс „Новичок“ и дека целта била негово убиство, додека Русија наведува дека нема докази дека Навални бил отруен.