Промовирана книгата „Близнаците Ма и Лу“ од хрватска писателка Љерка Цар Матутиновиќ
Во рамките на „Саемот на книга 2020“ во Скопје беше промовиран романот за деца „Близнаците Ма и Лу“ од познатата современа хрватска писателка, есеистка, преведувачка, Љерка Цар Матутиновиќ.
Оваа книга за деца на Матутиновиќ е преведена од хрватски на македонски јазик, во издание на ЕДУКА МАК, а со поддршка на Министерството за култура. Преводот од хрватски на македонски јазик го направи мр Љерка Тот Наумова, која ја водеше и промоцијата на книгата. Поради ограничувањата согласно мерките за заштите, писателката не беше во можност и лично да присаствува.
– Со моќта на книгата веднаш сме поместени во еден поинаков магичен детски свет каде се преклопуваат реалното и иреалното, истакнува во поговорот на книгата Дубравка Тежак.
Матутиновиќ, која е родена во хрватскиот град Цриквеница во 1931 година, е добитничка на бројни награди и има издадено дваесетина збирки на песни, но и проза, како и книги за деца. Книгите и се преведени на десетина странски јазици. По повеќе престои и на Струшките вечери на поезија, лично се залагаше за афирмација на писателите од земјава во Хрватска.
На вчерашната промоција на книгата присуствуваа бројни претставници на Амбасадата на Хрватска во земјава, на Заедницата на Хрватите во Република Северна Македонија, на ЗХРМ „Огранок Скопје“ и на издсавачката куќа и други истакнати поети, писатели и јавни личности, љубители на книгата, која особено има големо значење во условите на се уште актуелната пандемија.