Во Кочани одбележан Меѓународниот ден на литература за деца

Под мотото „Другарувањето со книгите ни е песна“ денеска библиотеката „Искра“ од Кочани беше домаќин на фестивалот на децата, книгите и музиката, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца.
Манифестацијата требаше да се одржи на 2 април, но поради корона кризата беше одложена.
Во рамки на фестивалот се одржа трибина „Специфичноста, позитивните влијанија и присутноста на литературата за деца во детскиот развој и во креирањето на детскиот свет“, на која зборуваа Јованка Денкова, професорка на Филолошкиот факултет од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Татјана Лазарова Осоговска и Ели Маказлиева.
Членови на литературниот клуб „Копнеж“ од Кочани читаа меѓународни пораки по повод Денот на литературата за деца, а беа промовирани и книгите „Мали детски разговори“ од Зоран Пејковски и „Заедно да растеме“ од Филип Димковски.
Почитувајќи ги протоколите за здравствена заштита, манифестацијата се одржа во дворот на библиотеката „Искра“, при што им беа доделени признанија на нејзините поддржувачи и помагатели.
Фестивалот на децата, книгата и музиката е проект финансиран од програмата од областа за заштита на културното наледство при Министерството за култура и Општина Кочани.






