Почнува ревитализација на водоснабдителниот систем „Дивљак“ во Свети Николе 

Во Свети Николе почнува ревитализацијата на водоснабдителниот систем „Дивљак“. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека денеска го потпишал договорот со фирмата Сандра инжинеринг ДООЕЛ Скопје за изведување на градежни работи за ревитализација на водоснабдителниот систем „Дивљак“.

Вредноста на договорот е 5.000.000 денари обезбедени од буџетот на општина Свети Николе, а со него е предвидено инсталирање на нов филтер за вода и рестартирање на три артерски бунари во Дивљак со што се решава водоснабдувањето на село Горобинци и повисоките места на град Свети Николе, изјави Велковски.

Бунарите ќе останат запаметени за македонска јавност по тоа што во 2008 година, кога беше нивното свечено пуштање во употреба тогашниот градоначалник Слободан Даневски пред медиумите и жителите илустративно се полеа со кофа вода, со што бунарите беа пуштени во употреба. Во бунарите тогаш беа инвестирани 2,5 милиони евра. Од страна на локалната власт беа користени речиси една година за потребите на градот Свети Николе, но потоа повторно системот го приклучија на браната Мавровица, а по извесно време и на Хидросистемот „Злетовица“.

Back to top button
Close