Адвокатите во Србија почнуваат тридневен штрајк

Тридневен штрајк на адвокатите во Србија ќе почне денеска во знак на протест против измените на судските закони, познати и како „Мрдиќеви закони“, објави Адвокатската комора на Србија (АКС).

Во одлука објавена на веб-страницата на АКС на 11 февруари, Комората ги повика надлежните органи да преземат „мерки во рамките на нивната надлежност и да го поништат усвоениот сет измени на судските закони“, под закана за штрајк на адвокатите на територијата на Србија од 23 до 25 февруари.

Бидејќи, како што тврди Комората, немало реакција, беше најавен штрајк на територијата на цела Србија.

За време на тридневниот штрајк, адвокатите нема да дејствуваат пред судови, обвинителства, државни органи или во постапки пред јавни извршители и нотари, освен во итни и законски предвидени случаи.

Тука спаѓаат случаи во кои обвинетиот е во притвор, постапки во кои се вклучени малолетници, семејно насилство или дејствија поврзани со рокови чие непочитување би предизвикало штета за странките.

Советот, исто така, ја свика петтата вонредна седница на Собранието на АКС за утре, за да се дискутира предложениот Меморандум за влијанието на измените на судските закони врз владеењето на правото, независноста на јавното обвинителство и независноста на судството во Република Србија.

Раководството на Комората тврди дека сегашната тридневна суспензија е изгласана на 11 февруари на седница на Управниот одбор, додека некои адвокати ја оспоруваат таа одлука и најавуваат дека нема да ја почитуваат

Back to top button
Close