Аеродромот Хитроу ја заврши 2020 година со загуба од 2,8 милијарди долари

Лондонскиот аеродром Хитроу, еден од најпрометните во светот, ја заврши 2020 година со загуба од 2,0 милијарди фунти (2,83 милијарди долари), поради колапсот на воздушниот сообраќај поради мерките за ограничување на патувањето поврзани со корона-кризата.

Раководството на лондонскиот аеродром бара поголема поддршка од британската влада со цел компанијата да преживее, пренесува порталот Кварц.

Главниот извршен директор на Хитроу Џон Холанд-Каје рече дека бројот на патници на аеродромот паднал на ниво што не е забележано уште од 70-тите години на минатиот век, и дека состојбата не е подобрена ниту на почетокот на оваа година.

Во јануари годинава, на аеродромот Хитроу биле опслужени само 677.356 патници, во споредба со скоро 6,1 милиони во јануари 2020 година.

Во текот на целата минатата година, биле опслужени само 22,1 милиони патници, при што повеќе од половина од нив патувале во првите два месеци од 2020 година, пред да се воведе затворање на границите низ цела Европа за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Вкупните приходи на аеродромот Хитроу минатата година паднаа за 62 проценти, и покрај фактот што „бруто оперативните трошоци беа намалени за скоро 400 милиони фунти и капиталните расходи за 700 милиони фунти, а беа собрани финансии од 2,5 милијарди фунти, што вклучуваше и финансиска инјекција од 600 милиони фунти“, се вели во соопштението од компанијата.

Back to top button
Close