Џафери учествуваше на конференција за дигитализација, вештачката интелингенција и потребата за нивна регулација

– Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите – членки на ЕУ, во организација на Бундестагот на Сојузна Република Германија, која заради пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, се одржа во виртуелен формат.

Конференцијата ја отвори претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле, кој повика на заштита на претставничката демократија, на заштита против дискриминација и против говор на омраза на социјалните мрежи и, за таа цел побара регулирање на работата на големите интернет гиганти каде често се пласираат лажни вести и истите штетат на нашите општества. Како воведни говорници на Конференцијата, се обратија проф. д-р Жанет Хофман и д-р Франческа Бриа, експерти во областа. Во рамки на дебатата, претседателите на парламенти дискутираа за придобивките и предизвиците од дигитализацијата и користењето на вештачката интелигенција и потребата од соодветна регулација на новите модели за комуникација на национални и на европско ниво.

Претседателот на Собранието Џафери истакна дека дигиталниот простор нуди нецензуриран простор за искажување на мислења водејќи сметка за слободата на говор, меѓутоа во исто време, е и плодна почва за ширење на говор на омраза, на лажни вести со цел креирање на погрешни и лажни слики за конкретни прашања и манипулирање со размислувањето на лицата кои се подложни на влијанија, кои не проверуваат факти и извори на вести и веруваат на сѐ што е сервирано на интернет и со тоа стануваат дел од деструктивни и манипулаторски дејства и сили кои имаат матни и нејасни позадини.

-Спречувањето на овие негативни појави е обврска на надлежните национални органи, секако, во тесна соработка со меѓународните органи. Но, не е помала должност и на сите институции, невладини организации и во крајна инстанца, на секој граѓанин поединечно да го даде својот ценет придонес, рече Џафери.

Со почетокот на пандемијата, и ние, како и целиот демократски свет, се соочивме со неможноста од нормално функционирање на законодавниот дом, додаде претседателот на Собранието потенцирајќи дека неопходноста од почитување на здравствените протоколи од една страна, итноста од донесување на измени во Деловникот за работа на Собранието, ситуациите на отсуства на пратениците поради заболување со КОВИД-19, наметнале тешки, понекогаш и невозможни услови за работа.

-Направивме обид да се прилагодиме на онлајн функционирање на Собранието, меѓутоа за жал, не наидовме на разбирање од опозицијата. Се уште кај одредени политички претставници има мислење дека само со физичко присуство, во пленарна сала, ќе може да се допре вистински до граѓаните, нешто со што јас не се согласувам, рекол Џафери.

Како што се наведува во соопштението од Собранието, општ заклучок беше дека дигиталните алатки се корисни за поголема вклученост на граѓаните во процесот на одлучување и за поголема демократизација на општеството, но истите треба внимателно да се користат и да се осигури дека секој граѓанин има пристап до интернет и до користењето на овие алатки. Од друга страна, беа нотирани опасностите од користењето на социјалните мрежи и нивната недоволна регулираност како останатите медиуми, што само по себе отвора можност за пласирање на лажни вести кои често се користат за нарушување на демократските процеси и изборните резултати.

Учесниците биле согласни дека за целосно прифаќање на дигитализацијата потребни се значителни инвестиции во инфраструктурата за нејзино користење и инвестирање во образованието на граѓаните како да ги користат изворите од кои добиваат информации и како да препознаваат лажни вести. На конференцијата учествуваа 33 претседатели од националните парламенти на земјите членки на ЕУ, тројца претседатели од земјите кандидати за членство, од Европскиот парламент и тројца претседатели од европски земји кои не се членки на ЕУ како набљудувачи.

На конференцијата, организирана од Бундестагот, учествуваа 33 претседатели од националните парламенти на земјите членки на ЕУ, тројца претседатели од земјите кандидати за членство, од Европскиот парламент и тројца претседатели од европски земји кои не се членки на ЕУ како набљудувачи.

Back to top button
Close