Агелер: Доказите за поранешниот вицепремиер Груби се на дофат на македонските власти
Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека е задоволна што поранешниот вицепремиер Артан Груби е на црната листа на САД.
Таа во поткаст вели дека за случајот што тој е обележан од американските власти, доказите се на дофат на македонските власти, но како што рече, тие не се орган на прогонот.
– Доказите се тука, најголемиот дел од нив, не сите. Може да се отвори случај од она што е достапно тука и во регионот и тоа е она што ние како амбасада се надеваме дека ќе се случи, но исто така ние не сме орган на прогонот. Јас нема да му влезам никому дома, но се надевам дека ова поттикнува акција и можам да кажам дека последните неколку имиња на црната листа навистина предизвикаа реакција, вели Агелер.
Агелер, во интервју дадено за подкаст на македонско-американската алумни асоцијација од серијалот интервјуа за борба против корупцијата, вели дека случајот со Артан Груби е објавен кога бил завршен, односно тоа не било поврзано со неговото заминување од владината функција.
Таа негира дека чекале претходната влада да замине за да ја објават санкцијата и вели оти ако од Вашингтон го имале подготвено случајот додека се уште биле на власт, ќе го објавеле тогаш.
„Кога нечие име официјално ќе биде ставено на листата, кога ќе биде објавена таа одлука, можам да ве уверам дека процесот бил темелен. Не било случајно и не е политички мотивирано. Не е политички темпирано. Ништо од тоа. Кога Вашингтон ќе го заокружи процесот, тогаш се прави објавата“,рече Агелер.
Околу тоа, како што рече, што ќе се случи потоа е друго прашање.
„Знам дека има луѓе кои зборуваат за повторно воведување закони и рестриктивни мерки, за повторно прегледување на целиот случај. Но, доказите се тука и голем дел од нив и е можно да се состави случај од тоа што е достапно овде и во непосредниот регион. Оттука, дали ние во амбасадата се надеваме дека тоа ќе се случи? Да, но исто така, ние не сме правосудни органи и јас не можам да му диктирам никому, но се надевам дека ова ќе поттикне некаква акција. И морам да кажам дека овој, последниот случај на санкционирање, се чини дека предизвика прилично голема реакција, и мислам дека тоа е добра работа“,додаде таа.
Таа вели дека нема поим каде се наоѓа Артан Груби, а на новинарска забелешка дека тој е во Албанија, Агелер рече „ако има една работа што во оваа земја се прави многу, многу добро, тоа е да се пуштаат гласини“.
Според неа, ирелевантно е каде е Артан Груби, но вели дека генерално гледано, луѓето не бегаат ако немаат што да кријат.