Агонијата во Индија продолжува: Над 360 илјади нови заразени во еден ден, парковите се претворени во крематориуми
Со рекордни 3 293 смртни случаи за 24 часа, вкупниот број жртви од ковид во Индија надмина 201 илјада
Бројот на смртни случаи како последица од ковид-19 во Индија денеска надмина 200 000, а рекордната статистика е проследена со информации за недостиг на кислород, медицински материјал, болнички персонал и голем притисок врз болниците.
Во вториот бран од епидемијата што ја зафати Индија, минатата недела се регистрирани најмалку по 300 000 новозаразени секој ден, а здравствените институции се под голем притисок, додека ситуацијата во крематориумите е толку алармантна што бара меѓународен одговор.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 360 960 нови случаи на зараза, што е најголем дневен број регистрирани во светот од почетокот на пандемијата.
Бројот на случаи во Индија се искачи на речиси 18 милиони.
Со рекордни 3 293 смртни случаи за 24 часа, вкупниот број жртви од ковид во Индија надмина 201 000.
Експертите сметаат дека официјалниот број на смртни случаи и болести е далеку зад реалната во таа земја со 1,3 милијарда жители.
Во главниот град Њу Делхи, амбулантните возила чекаа со часови за да ги пренесат починатите до импровизирани крематориуми во парковите и на паркинзите, каде што телата се кремираат масовно и импровизирано.
Во меѓувреме, кислород и медицинска опрема почнаа да пристигнуваат од Велика Британија, а дополнителни резерви се на пат од Ирска, Германија и Австралија.
Неколку земји превентивно ги прекинаа летовите од Индија со цел да спречат ширење на заразниот сој на вирусот од оваа земја, додека експертите предупредуваат дека овој бран на епидемија на коронавирус во Индија сè уште не го достигнал својот врв.