Џаханшахи: Копнен напад во Иран за САД би бил поопасен и поскап

Командантот на Копнената армија на Иран, генерал Али Џаханшахи денеска ги предупреди САД да не помислуваат на копнен напад бидејќи тоа за нив би било „поопасно и поскапо“.
– Силите на иранската армија цврсто стојат на одбранбените линии и ќе го онеспособат непријателот. Секој сантиметар од иранската територија е под заштита на будните ирански сили, кои ги следат сите движења на непријателот и се подготвени за секаков сценарио, посочи Џаханшахи по веста дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за испраќање американски трупи за да го освојат островот Харг, во потрага по начин за постигнување на клучните цели и завршување на војната.
Западните медиуми претходно објавија дека повеќе од 1.000 војници од 82-та воздушно-десантна дивизија се упатуваат кон Блиски Исток, заедно со две морнарички единици.
Според разузнавачи информации, Иран поставува стапици и изминатите две недели прераспореди дополнителни воени сили и воздушна одбрана на островот Харг, како подготовка за евентуална операција за преземање од страна на САД.
Американски претставници и воени аналитичари предупредуваат дека копнена операција врз Иран има значителни ризици, вклучително и голем број американски жртви.
Иранските воени претставници предупредија дека Иран ќе стане „гробница за американски војници“ во случај на копнена инвазија.






