Ахмети без заштитни средства

Кој е проблемот на ДУИ?

Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да ги бојкотира изборите во јули, целата изборна конструкција за ДУИ станува напната и со многу лоша прогноза за нивните шанси да бидат главниот коалициски партнер во следната влада на СДСМ. Не само затоа што, со евентуален бојкот на ВМРО, СДСМ би имал доволно освоени пратенички места комотно да одлучува за тоа со кого НЕМА да ја прави идната владејачка коалиција, туку и затоа што конкурентските албански партии на ДУИ се доволно силни на теренот за овој пат, реално, да освојат исто толку пратенички места, а можеби и многу повеќе изборни гласови од самата ДУИ.

Тоа се два сериозни проблеми за Али Ахмети. Како да се предупреди таков можен развој на настаните?

ДУИ цврсто стои на позицијата дека избори во јули треба да има. Тие не се во ситуација отворено да го поддржат евентуалниот изборен бојкот на ВМРО, не само затоа што за тоа не наидуваат на никаква поддршка кај меѓународниот фактор (патем, тој фактор и на ВМРО му вели дека им е тоа, отприлика, најглупавата идеја на која можеле да се сетат!), туку и затоа што таквиот развој на настаните само би им ги намалило шансите за успех, кога и да се случат изборите. ДУИ е свесна дека нивното „паразитирање“ на политичката сцена во Македонија доживува сè помала изборна поддршка кај гласачите – далеку се од 2014 година кога освоија 19 пратенички мандати, а сега би биле веројатно задоволни кога би го повториле изборниот резултат со освени 10 пратеници во 2016. Експеримент за ново предизборно, макар и имплицитно коалицирање со ВМРО, ќе им ја „експлодира“ лабораторијата на партиските мешетарења во која сите изминати дваесетина години произведуваат злато од топење политичка ламарина.

Затоа е изборниот „проект“ на ДУИ за „Премиер Албанец!“ вешто смислен наратив за низа продуктивни демагогии: ем е доволно националистички за да имаат што предизборно повторно да „гуслаат“; ем е идеален „идентитетски“ притисок врз конкурентите од албанскиот политички блок; ем е причина за затегање на односите со СДСМ, за сметка на авансирање на ВМРО, што им ги остава сите опции за пазарење отворени! Дури, на крајот, и тие да се придружат на изборниот бојкот со ВМРО, поради „принципи“, не од нужда.

колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close