АХВ со препораки: Внимавајте со храната, ако сметате дека е небезбедна, не ризикувајте – фрлете ја

АХВ препорачува да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото, јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства

Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна, предупредуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Оттаму додаваат дека високите температури најавени неделава се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување доволно количини храна и вода за пиење.

„За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната“посочуваат од АХВ.

АХВ препорачува да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото, јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се одбегнува и купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето, додаваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од пет Целзиусови степени, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето храната не се консумира веднаш, треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќе пати во текот на подготовката на храната. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои храната може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува“,препорачува АХВ.

Кога станува збор за консумирање храна во угостителските објекти, треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои се грижат за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација.

„Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично“се наведува во препораките објавени на веб страницата на АХВ.

Поради топлотниот бран што се најавува дека ќе ја зафати земјава од утре, Владата на денешната седница донесе препораки според кои, во следните четири дена, бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.

Back to top button
Close