Акциски план на ОН за физичка и правна заштита на новинарите – десет години потоа

Во Виена денеска се одржува меѓународен состанок на високо ниво посветен на безбедноста на новинарите. Во фокусот на дебатата ќе биде Акцискиот план на Обединетите нации за физичка и правна заштита на новинарите, усвоен во ноември 2012 година, исто така во Виена.

.

Координатор на активностите е УНЕСКО од Париз, во соработка со Високиот комесаријат за човекови права од Женева и Генералниот секретаријат на ОН во Њујорк. Домаќин на средбата е Министерството за надворешни работи на Австрија.

Акцискиот план на Обединетите нации е досега најамбициозниот обид да се обезбеди, правно и практично, на глобално ниво безбедноста на луѓето кои се занимаваат со новинарство и воопшто со медиумска работа. Создаден е како синергија на повеќе чинители од различни општествени, политички и економски области, национални влади, невладиниот сектор и професионални новинарски организации, сите со фокус на иста цел, заштита на луѓето од новинарската професија.

Во Виена денеска ќе биде направена и евалуација на постигнатото во изминатата деценија, а ќе бидат разгледани и плановите за иднината.

Има подобрувања, но и регресивни трендови. Особено се потенцираат две проблематични области – безбедноста на новинарите во мирновременски услови на дефицитарни демократски стандарди, како и безбедноста на новинарите-репортери во воени услови. Второ – ефективни правни норми, бидејќи санкциите за насилство врз новинарите се нејасни и задоцнети.

Акцискиот план на Обединетите нации дејствува во три насоки – спречување на притисок врз новинарите, нивна физичка заштита и гонење на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници воопшто. Дел од него е псоветен и на борбата против правната недопирливост на убијците и налогодавачите.

Според проценките на Меѓународната федерација на новинари (IFJ), само оваа година во светот се убиени 60 новинари. Од 1990 до 2020 година, на глобално ниво 2.658 новинари биле убиени или го загубиле животот под сомнителни околности за време на вршењето на својата работа.

Back to top button
Close