Ако поединци вршат самоубиство, можат и држави
Толку многу се пишува за меѓународната политика, а сепак, никој не успеал да ја ги предвиди идните настани. Некој напишал дека сите претскажувања за настаните во светското општество на држави за наредните десет години биле погрешни. Убаво се сеќавам дека предвидувањата за тоа како ќе изгледа светот во дваесет и првиот век беа дека ќе остане онаков каков што беше – опасен ривалитет помеѓу две големи сили, Америка и СССР и нивните воени блокови НАТО и Врашавскиот пакт. Кога, спротивно на прогнозите, во 1989 падна Берлинскиот зид, симболот на поделениот свет, бевме затечени. „Епицентарот е во Москва“, напишав текст на барање на редакцијата на весникот „Нова Македонија“, наговестувајќи го веќе очигледното: дека заедно со зидот паѓа и Русија. Но, и тоа се чинеше толку неверојатно што редакцијата, за секој случај, додаде знак на прашлник на крајот од насловот.
После распадот на биполарниот свет, следеше таканаречениот „униполарен момент“ во кој со светот доминираше една голема сила – Америка. Нашата држава стекна независност во тоа време на еуфорија за дефинитивната победеа на либералната демократија и „крајот на историјата“. Но да не заборавиме: тоа беше добар „момент“ за нас.
Оние земји кои имаа среќа да ги водат политичари кои посакуваа демократска трансформација требаа само тоа да го изјават и да работат во таа насока за да ја добијат наклоноста на единствената светска сила. Така, поддршка добија како држави од Источна Европа кои сакаа и можеа да се трансформираат во демократии, како Полска, Чешка, Унгарија,заради минато искуство со демократија, на пример,така и оние како Македонија кои сакаа но не можеа бргу да се трансформираат во демократии заради своето автократско минато. Америка, од средбата со нивните политичари, ја доживеав како бенигно чудовиште за кое беше важно „сега“ и „утре“ согласно американските и европските правила на игра во меѓународните односи (демократска трансформација, пазарна економија, човекови права, непроменливост на границите, правна држава…).
Не ја интересираше „вчера“ ниту дали тогаш сте биле комунисти или не. Три децении поминаа толку бргу. И кога помисливме дека американската ера ќе трае вечно, повторно изненадување.
Некаде 35 години после падот на Берлинскиот зид, кога Русија го зазеде Крим во 2014, а во февруари 2022 ја нападна Украина, заврши и таа ера на неприкосновена американска власт во светската политика. Како се осмели Русија на ваков чекор? Со уцена со нуклеарна војна но и со економска издржливост на најстрашните економски санкции во историјата на човештвото. Демократскиот експеримент на Јелцин заврши во хаос. Путин, наследникот кој тој го именуваше, ја исправи на нозе еконoмијата на некогашната голема сила, не со демократски туку со традиционално руски автократски методи.
Сè уште ми се свежи сликите од видеото на руски олигарси кои еден по еден одговараат на прозивката од идниот диктатор Путин и потпишуваат заклетва на верност. Тие што одбиваат тоа да го сторат, завршуваат во затвор, а некои биваат убиени. И кога Америка се оглуши на бројните предупредување на рускиот диктатор да не се проширува НАТО со Украина зашто тоа го сметаат за „егзистенцијална закана“, тој нареди инвазија на суверена европска држава.
Во меѓувреме растеше уште една голема сила – Кина. Големите инвестиции во капитал и технологија на западните капиталисти од Америка и Европа, во осумдесеттите јурнаа во земјата заради евтината работна сила, но едновремено станаа акцелератор на кинеската економија. Растот на БНП на Кина стана два до три пати поголем од оној на Америка. Статистиката вели: 2,5 до 3 % е американскиот раст, 6 до 9 % кинескиот. Два до три пати поголем. Комбинацијата на приватната со државната сопственост и диктатура во политиката направи од Кина држава способна да ја предизвикаат американскаата моќ. Економската сила на Америка со 25 трилиони БНП, наспроти онаа на Кина 17.18 и на Русија со 1,5 трилиони јасно кажува кој е кој во светската економија. Не треба човек да е марксист за да разбере дека оваа економска сила лесно се трансформира во воена сила.
Но фактот дека Кина има раст два до три пати поголем од оној на Америка, наведува многу истакнати научници на меѓународната политика до констатацијата дека новиот хегемон е Кина која набргу економски и воено ќе ја „претрка“ Америка.Тоа ќе биде само потврда на правилото дека во светската хиерархија на моќ, никој не е вечен: некогаш во шеснаесеттиот век тоа била Шпанија, осумнаесеттиот Англија, крајот на деветнаесетиот Америка…
Какви ќе бидат нивните односи во светската политика денес? Во таа калкулација треба да се вметне и нивната нуклеарна моќ. Америка и Русија имаат по околу 6000 интерконтинентални балситички нуклеарни ракети, а Кина помеѓу 2,300 и 2,400. Ова страшно оружје произведува „рамнотежата на страв“. Страв од самоубиство, се разбира. Но, ако поединците вршат самоубиство зошто тоа би било невозможно од колективитети наречени држави, чии одлуки ги носат политичари? Доминантното мислење е дека до нуклеарен Армагедон нема да дојде, но опасноста од случајна ескалација во услови на разгорено воено жариште е секогаш можна. И тука не треба да се потпираме на доминантното мислење, туку треба да ги гасиме воените жаришта за повторно, и за последен пат, да не ни се случи да се соочиме со настани на кои нашите очи нема да веруваат – дека ни изгорела куќата,планетата Земја, и ние заедно со неа.
Денко Малески