Ако се бара притвор за судијата Ристов, амин ќе мора да даде Судскиот совет

По денешните претреси во простории поврзани со апелациониот судија Ѓоко Ристов, при што беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид, засега не е познато дали Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе бара судијата да оди во притвор.

Доколку се бара најстрога мерка за обезбедување на присуство, тогаш најпрвин ќе треба да заседава Судскиот совет, бидејќи судијата ужива имунитет.
Во ваков случај седницата се закажува итно.

,,Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија,
освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од
најмалку пет години”, пропишува Законот за судовите.

Денеска од Обвинителството и од МВР соопштија детали за претресите, меѓу кои и во домот на родителите на судијата Ристов, во кој биле пронајдени парите.

Претреси во дом и други простории во Неготино, пронајдени 350.000 евра

-Полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК а врз основа на издадена Наредба од судија на претходна постапка извршија претрес на дом и други простории на подрачје на Неготино, заради пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од сторени Кривични дела.
При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.

Денешното постапување е како резултат на дејствија преземени во рамките на опсежната истрага на ОЈО ГОКК откако на 14 декември 2025 беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката, информираа од МВР.

Според неофицијални информации, судијата се поврзува со случајот со мито, за кој неодамна беше уапсен адвокатот Фехми Стафа.

Пред еден месец, кога беше уапсен Стафа, од Обвинителството соопштија дека поранешниот државен правобранител побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор, на неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close