Ако ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во време на криза, веројатно ќе се случи „гејм овер“, вели Филипче
Ако владата на СДСМ можеше да најде пари во најголемите кризи, како ковид-кризата, во енергетската криза, за време на почетокот на војната во Украина, тогаш приказни за мали деца и изговор е да се каже дека во буџетот нема пари. Ова денеска од Струмица, каде што присуствуваше на поставување на камен-темелник за нов пазар, го изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, на прашањето каде го гледа решението со зголемување на платите на наставниците, во насока дека според власта нема пари во буџетот.
Според Филипче, премиерот Христијан Мицкоски ја политизира работата на синдикатите и сака да ги доведе во релација не само со СДСМ, туку и со која било политичка партија, што е навреда за сите работници во државата.
„За време на нашето владеење од седум години покажавме што значи вистински да се мисли на работниците, во континуитет да се зголемува нивниот стандард и квалитетот на нивното живеење. Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот кажува дека не само што нема да го зголеми квалитетот на живеењето туку, напротив, ќе го намалува со тоа што кажува дека не може да најде пари за зголемување на платите, нешто што сите го очекуваат“рече Филипче.
Како што посочи, во времето на владеење на СДСМ немаше големи протести и штрајкови, зашто синдикатите знаеја дека таа влада работи во интерес на работниците.
На прашањето дека барањето за зголемување на платите е во корелација со СДСМ и синдикатите, Филипче рече дека барањата за зголемување на платите потекнуваат токму од работниците и премиерот.
„Премиерот мора да испланира како ќе продолжи да ги зголемува платите на работниците, а не да продолжува со политиките од едно друго време, кога Северна Македонија беше рај на евтина работна сила. Граѓаните и работниците, видоа што значи кога една влада вистински се грижи за нив. Во време на огромни кризи, три последователни кризи, ние најдовме пари и ги зголемивме платите. Можете да замислите што ќе се случеше ако такви кризи сега ѝ се случуваа на оваа влада“,вели тој.
Според него, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ не може да се снајде во овие услови кога нема некаква криза.
„Што да мислиме ако не дај Боже повторно стане некоја криза. Што ќе биде со државата ако ВМРО-ДПМНЕ ги води Владата и државата во време на криза, веројатно некој ‘гејм овер’“,рече Филипче.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска пред неколку дека изјави дека во моментов не гледа можност за покачување на платите на наставниците иако остави простор за дијалог со Синдикатот за образование и наука (СОНК). Таа порача дека ќе разговара со сите социјални партнери и дека ќе бара начин да ги мотивира наставниците на сите можни начини. Овој нејзин став беше одговор на новинарско прашање за ставот на СОНК дека по закон на наставниците им следува зголемување на платите за 12 проценти.
СДСМ бара Владата да им ги покачи платите на наставниците во септември, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека опозицијата има амнезија
Опозицискиот СДСМ ги повика Владата и министерката за образование и наука Весна Јаневска да ги покачат платите на наставниците за 12 отсто во септември бидејќи, како што велат, станува збор за обврска.