Активирани кризни штабови во скопските општини

Силното невреме проследено со пороен дожд и силен ветер што попладнево го зафати Скопје предизвика материјални штети во повеќе делови од градот. Пријавени се паднати дрвја и искршени гранки, оштетена инфраструктура, блокирани улици, а во општина Гази Баба е оштетен и кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“.

Поради состојбата, повеќе скопски општини ги активираа своите кризни штабови и ги мобилизираа службите за заштита и спасување.

Во Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски свика итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, по што започна координација на сите надлежни служби. Екипите се упатени на терен за увид во состојбата и преземање на неопходните мерки. Од Општината апелираат граѓаните да избегнуваат непотребно движење додека трае невремето, а сите случаи на паднати дрвја, оштетена инфраструктура и други последици да ги пријавуваат преку официјалните комуникациски канали на Општина Центар.

 

Кризен штаб е активиран и во Општина Аеродром, кој, како што информираат локалните власти, е во постојана координација со Министерството за внатрешни работи и со Град Скопје. Општинските екипи веќе работат на терен на расчистување и санирање на последиците од невремето. Од Општината ги повикаа граѓаните кои претрпеле материјална штета истата веднаш да ја пријават во Полициската станица „Аеродром“, за да се изготват записници и навремено да се евидентираат штетите.

Во Општина Кисела Вода, по силниот ветер се регистрирани паднати дрвја и искршени гранки на повеќе локации. Активиран е Кризниот штаб, а општинските служби работат на сечење и отстранување на паднатите дрвја и расчистување на блокираните улици и јавни површини. Активностите се координираат со Центарот за управување со кризи (ЦУК), ЕВН и службите на Град Скопје. Од Општината ги повикаа жителите да пријавуваат паднати дрвја, блокирани патишта и други опасности до дежурните служби, кои, како што наведуваат, ќе останат на терен сè до целосна нормализација на состојбата.

 

Во Гази Баба, според првичните информации од Општината, невремето предизвикало повеќе последици, меѓу кои и уривање на кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“, како и голем број паднати дрвја. Од локалната самоуправа информираат дека тимовите се веќе формирани и ќе започнат со интервенции веднаш штом временските услови го дозволат тоа.

 

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на дрвја и нестабилни објекти и навремено да ги пријавуваат сите опасности и штети до надлежните служби.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close