Албанецот кој нѐ однесе на Месечината

Ако напишете на Гугл Албион Реџепи на кирилица, не добивате ништо.  Првата вест е за Тетово, дека за еден месец, полицијата изрекла шест казни. Потоа следат вести за македонската и косовската репрезентација во фудбал, за македонска Албанка која е џудистка, итн. Ништо за Албион Реџепи.

Сега напишете го неговото име на латиница. Излегуваат вести на англиски јазик за Албион Реџепи. Албанец од Македонија кој бил дел од инжинерскиот тим на мисијата на НАСА, Артемис II, која повторно го врати човекот на Месечината.

За Албион Реџепи првпат слушнав од мојот колега Назим Рашиди, кој гордо ме праша-знаеш ли дека Албанец од Гостивар ни ја даде Месечината? Мислев дека се шали, ние новинарите барем ги знаеме најважните и први вести, конечно и ги памтиме. Особено ваква вест, човек од Македонија да ја пишува историјата на човештвото.

Рашиди беше горд заради Албион Реџепи, еднакво како што беше разочаран. Затоа што, не само што не прочитал ништо за гордоста на државата што го има Реџепи, туку не го видел ниту неговото име во македонските медиуми. Ниту една буква за подвигот, ниту слово за важноста да се освои Месечината, овојпат да се заобиколи, следниот-да се покори. Не затоа што не смее да се информира за нашите големи Албанци, не затоа што се мразиме. Вистината е тажна-едноставно, затоа  што не знаеме што ни се случува во државата, затоа што сме поделени, затоа што живееме во мрак. Не го зборуваме албанскиот јазик, не можеме да читаме албански медиуми, не комуницираме, не се познаваме, колку и да се сакаме.

Претпоставувам дека делумно тоа е случај и со Албанците, со албанските новинари, не знам. Со еден сериозно голем “детал”-тие го говорат македонскиот јазик, читаат македонски медиуми, светот им е појасен и оттука и помрачен во оваа земја. Помрачен, затоа што знаат многу повеќе од нас, Македонците. Посветол, затоа што имаат предност во тоа знаење. Албион Реџепи за албанските медиуми во Македонија вели дека студирал во Македонија и има порака дека со образование, труд и работа, може да се стигне сè.

Сепак, да признаеме- и тие и ние, и ние и тие, сите сме длабоко закопани во партиските вработувања, успеси, подвизи. Тоа е нашиот заеднички именител, тогаш кога партиската книшка ни го гарантира животот во оваа земја, колку и да замислуваме дека е лагоден и лесен, сепак тоа е паразитски живот, бескорисен и неважен. Тогаш кога не се појавуваме на државна работа, а сепак земаме плата и сме суверени во сопствената пропаст. Затоа што, кога сите ги носите во бездна, на крај и тие ве свлечкуваат во неа.

Албион Реџепи ја има само сопствената книшка, во неа ги запишува сопствените победи, а и некои порази, секако дека ги има и нив, особено кога се живеат соништата, но тие се заради други околности, не се припишани на партиските победи.

Да ги прашате овие и сите други претходни власти, секако дека ќе ви кажат дека сакаат да ја градат оваа земја луѓе како Албион Реџепи. Но, празните, пусти зборови ги голта семоќната партија, тогаш кога е гарант за победа, што подразбира потпис за пораз. Животот така поминува за сите нас, освен за Албион Реџепи и многу паметни луѓе кои се родиле во Македонија и веднаш посакале да избегаат од неа. Тогаш кога се колнеме во патриотизам, баш тогаш да го имаме ова на ум. Дека во овој момент многу млади луѓе пакуваат куфери и не се свртуваат зад себе. Партиите задоволно им мавтаат додека летнува авионот, сигурни дека паразити има на секој чекор, дека вечно ќе трае ова Потемкиново село, кое се гради од кули од карти, се лепи и долепува, како сигурен знак дека е пропаднато од сам почеток.

Збогум, Албион Реџепи, збогум на сите млади луѓе, не враќајте се, затоа што нема иднина ниту за нас, најмалку за вас, никогаш за таквите како вас.

Back to top button
Close