Албански медиуми: Иран најавил можен напад врз кампот на Муџахедините во Албанија

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) ја разгледува можноста за напад врз кампот на Муџахедините (МАК) во Албанија, во услови на засилени регионални тензии и проширување на безбедносните ризици надвор од Блискиот Исток, пишува caliber.az, објавија дел од албанските медиуми.
-Според објава на прес-службата на ИРГЦ на Телеграм, потенцијалните активности би се однесувале на објект што Техеран го смета за поврзан со „непријателски активности“. Станува збор за комплексот Ашраф-3, лоциран во селото Манза, во близина на пристанишниот град Драч, каде што од 2013 година се сместени над 3.000 членови на МЕК, наведуваат медиумите.
Одредени извори, повикувајќи се на неодамнешни ирански удари врз цели на Кипар, тврдат дека Иран повеќе не се ограничува на одредена географска зона при таргетирање структури поврзани со неговите противници, туку го проширува опсегот на своите оперативни капацитети.
МЕК, основана во 1965 година, претставува иранско опозициско движење кое во минатото изведувало вооружени акции против режимот на шахот Мохамед Реза Пахлави, а подоцна влезе во отворен конфликт и со исламската власт предводена од ајатолахот Хомеини. Организацијата во 1980-тите делуваше од Ирак со поддршка на режимот на Садам Хусеин, што и денес останува контроверзно прашање во иранската јавност.
Соединетите Американски Држави ја прогласија МЕК за терористичка организација во 1997 година, но во 2012 година ја отстранија од листата, наведувајќи дека групата се откажала од насилство и ги затворила своите паравоени кампови во Ирак.
Албанската влада по барање на Вашингтон се согласи од 2013-та до 2016-та година да прими повеќе 3.000 муџахедини од Ирак, кои таму биле сместени во одредени кампови.
Албанија на почетокот на септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран, откако го обвини Иран дека во текот на летото, истата година, извршил масовен сајбернапад врз државни институции на земја.
-Длабинската истрага ни обезбеди неоспорни докази дека сајбернападите врз нашата земја биле организирани и спонзорирани од Иран, изјави тогаш премиерот Еди Рама.
Засега нема официјална реакција од албанските власти во врска со потенцијалните закани.






