Алијанса и со Агелер ќе се консултира за влез во Владата

Алијанса за Албанците има шанса да биде новиот владин партнер ако се усогласат за програмските и кадровските решенија, оптимист е премиерот Димитар Ковачевски, откако и лидерот на ДУИ Али Ахмети потврди дека течат разговорите со опозициската партија за влез во Владата, пишува Слободен печат.

Алијанса за Албанците викендов ќе решава дали ќе почнат формални преговори за влез во Владата, во спротивно излез се предвремени парламентарни избори. Пред состанокот на Централното собрание, претседателот на Алијанса Арбен Таравари ќе има средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер, што во партијата се толкува за клучно каде ќе натежне одлуката.

Наспроти единствената позиција на Ковачевски и на Ахмети за проширување на владиното мнозинство, против влезот на Алијанса во власта остануваат третиот владин партнер Алтернатива, која одбива да отстапи ресор, „огнената група“ од ДУИ, но и Демократски сојуз.

Според Ковачевски, Алијанса има изразено политичка волја, која е за европскиот концепт на државата што дава надеж дека може да се приклучи на власта.

Повеќе

Back to top button
Close