Алиу за непотребните кардиолошки интервенции: Лекарите се уште работат, најверојатно наредната недела ќе бидат соопштени деталите
Лекарите од странство, кои се дел од Комисијата за утврдување на непотребни интервенции извршувани во клиники во земјата, а кои ги откри академик Сашко Кедев се уште работат и како што најави министерот за здравство Азир Алиу најверојатно наредната недела ќе има и прес-конференција на која ќе ги изнесе деталите.

– Тие работат, немам информации, не сум апдејтиран денеска до каде се. Најверојатно наредната недела на прес-конференција ќе ве известам за деталите. Тие мислам дека се ограничија себе си, сакав да ги ограничам максимум месец и половина-два. Ценам дека сме се уште во таа фаза, во тој временски слот, кој што е дефиниран од нивна страна, вели Алиу.
Што се однесува за спојувањето на Клиниките кои се дел од комплексот „Мајка Тереза“, Алиу посочи дека во моментов тече постапката за спојување на клиниките за кардиологија и кардиохирургија во Национален институт за кардиоваскуларни болести.
– Институциите правно ги поминаа сите процедури и на седница на Влада, претпоставувам и другите процедури кои што се после поминувањето на седница на Влада. Законски треба 30 дена да поминат, за да може и институцијата правно да биде како една. Веќе имаме директор за администрирање, во овој процес додека се спојуваат двете Клиники, рече Алиу.
Посочи дека идејата за спојување на клиниките за кардиологија и кардиохирургија е дел од Програмата на Владата, а која што предвидува спојување на сите Универзитетски клиники на ниво на кампусот на „Мајка Тереза“.
-Знаете дека административните процедури и целата постапка на спојување на клиниките е долга и исто така треба да бидеме претпазливи, бидејќи идејата на спојување не е за влошување на здравствените услуги,туку за нивно подобрување. Овие две клиники и физички се во една зграда и процедурите секаде во светот влегуваш и излегуваш, а не да шеташ од една во друга клиника, за пациенти кои што имаат ваков тип на здравствени проблеми. Затоа почнавме од овие две клиники и нема да завршиме тука, да видиме кој ќе бидат прво предизвиците на спојувањето на двете клиники. Затоа почнуваме од нив, бидејќи се и во иста зграда и дејноста е многу блиска, цело време се заедно, изјави Алиу.
Тој додаде дека за другите клиники најверојатно ќе има предизвици и од инфраструктурна гледна точка, но и човечки капацитети. Прашан за недостигот на анестезиолози на Клиниката за кардиохирургија, Алиу одговори дека се кубури со кадар, а покрај тоа што разговараат со професори од Словенија, тоа го прават и со Италија. Но, како што рече Алиу, тоа не е решение, затоа разговараат и со наши Македонци, кои се во странство и со еден анестизиолог веќе се во завршна фаза за потпишување на договор. Додека за долгорочни решенија се прават законски измени за времетраењето на специјализациите, кои кај нас се и до шест години, додека согласно страндардите на Европската Унија се движат од три до четири години. Со спојувањето на сите клиники во комплексот „Мајка Тереза“ ќе раководи администратор-економист, за да може административниот дел да го менаџира во оваа фаза.






