Алжирската полиција спречи нов протест на студентите: Ова е авторитарен чин
Алжирската полиција денеска спречи нов собир на студентите, кои секој вторник протестираат во главниот град, откако движењето Хирак ги обнови собирите кон крајот на февруари. Полицијата, распоредена во голем број во центарот на главниот град, денеска ги растера насобраните студенти, а некои од нив и приведе. Точниот број на собрани и приведени студенти засега останува непознат.
Алжирската лига за човекови права денеска ја осуди полициската репресија врз студентите, оценувајќи дека станува збор за „авторитарен чин“.
Алжирските власти неодамна го зголемија бројот на судски постапки против политички противници, активисти, новинари, приврзаници на движењето Хирак и корисници на Интернет пред предвремените парламентарни избори закажани за 12 јуни.
Движењето Хирак беше формирано во февруари 2019 година, кога Алжирците се спротивставија на петтиот мандат на претседателот Абделазиз Бутефлика.
Движењето Хирак, кое ги продолжи протестите, со привремени прекини поради епидемијата на коронавирусот, нема лидер или политичка структура и бара промена на целиот политички систем во Алжир