Американец уапсен на московскиот аеродром Внуково
– Американски државјанин неодамна бил задржан во аеродромот Внуково во Москва. Апсењето се случило на 7 февруари но информацијата за тоа е објавена дури сега, соопштија денеска дел од американските медиуми повикувајќи се руски агенции.
Според достапните информации, 28 годишниот Американец во Москва пристигнал со лет од Истанбул. Во неговиот багаж била пронајдено пакетче гумени бонбони што содржеле канабиноиди – производи од преработка на коноп. Во Русија, канабиноидите се класифицирани како наркотични супстанции и се забранети за промет и употреба.
Царинската управа на Русија соопштила дека против Американецот, чиј идентитет не се открива, било покренато кривично дело за шверц на наркотици и сега тој е во притвор. Се соочува со затворска казна од пет до десет години.
Случајот е сличен на оној од 2022 година кога во руски аеродром беше уапсена американската професионална кошаркарка Бритни Грајнер. Во нејзиниот багаж беа пронајдени течности за вапинг што содржеле канабиноиди. Судот потоа ја осуди Грајнер на девет години затвор. Околу една година подоцна таа беше размената за Виктор Бут, поранешен тррговец со оружје кој во САД беше осуден на доживотен затвор.