Американски медиуми: Прва дестинација на државниот секретар Рубио може да биде Панама

Панама може да биде првата странска дестинација на Марко Рубио, новиот државен секретар на САД и поранешен сенатор на Флорида, објавија дел од американските медиуми како „Фокс њуз“, Политико и Блумберг.

Според извештаите, посетата на Рубио на оваа централноамериканска земја може да се случи во следните две недели. Повикувајќи се на поранешен функционер кој зборувал под услов на анонимност, Политико објави дека првото патување нема да биде само Панама, туку цела турнеја во која би биле вклучени и други земји од регионот, како Гватемала, Ел Салвадор, Костарика и Доминиканската Република. Сепак, планот за оваа турнеја се уште не е утврден.

Според Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот, Западната хемисфера за Рубио е приоритет, бидејќи „тука живееме“. Според неа, „соработката со нашите соседи е витален елемент во решавањето на проблемите со миграцијата, синџирите на снабдување и економскиот раст“.

Можното патување на Рубио во Јужна Америка се случува во контекст на напорите на новата администрација да ја стегне контролата врз движењето на мигрантите и границите. Некои од споменатите земји, како Гватемала и Ел Салвадор, се меѓу клучните транзитни точки од каде мигрантите од другите јужнамерикански земји пристигнуваат до границата на САД.

Друг настан што ја возбуди јавноста изминатите недели е изјавата на Доналд Трамп дека Панамскиот канал треба да се врати под контрола на Вашингтон. Во понеделникот, претседателот на САД повторно ја обвини Панама дека ги прекршила ветувањата дадени при конечното предавање на стратешкиот воден премин во 1999 година, дека наводно експлоатацијата на каналот го предала на Кина. Тој ја обвини земјата и за тоа дека американските бродови плаќале премногу високи патарини за користење на каналот.

Владата на Панама ги демантираше овие изјави.

Back to top button
Close