Американски медиуми тврдат дека Русија бара помош од Кина

Фајненшл тајмс и Њујорк тајмс повикувајќи се на неименувани американски претставници објавија дека Русија побарала воена и економска помош од Кина.

Фајненшл тајмс наведува дека Русија уште на почетокот од инвазијата врз Украина побарала кинеско оружје, без да наведе што точно Москва барала од Пекинг.

Весникот наведува дека постојат индикации дека Кина можеби се подготвува да и помогне на Русија.

Додека Њујорк Тајмс објави дека Русија, исто така, сака економска помош од Кина, за да го ублажи влијанието на санкциите.

Досега Кина се обидуваше да се претстави како неутрална во руско-украинскиот конфликт, но не ја осуди инвазијата.

Претходно, советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Џејк Саливан изјави дека американските власти го предупредиле Пекинг дека ќе има последици доколку Кина се обиде да и помогне на Русија да ги надомести загубите од западните санкции.

– Внимателно следиме во која мера Кина и пружа материјална и економска поддршка на Русија. Му пренесовме на Пекинг дека нема да толерираме или да дозволиме која било земја да и надомести Русија за нејзините економски загуби од западните санкции, истакна Саливан.

Во исто време, тој одби да одговори на прашањето дали САД се подготвени да воведат ограничувања за Пекинг доколку се обиде да и помогне на Русија да ги надомести економските и финансиските загуби од санкциите воведени од САД и нивните сојузници

Back to top button
Close