Американски воени функционери во Киев, во тек разговори за нацрт мировен план меѓу САД и Русија

Високи функционери на Пентагон пристигнаа во Украина за да „разговараат за напорите за ставање крај на војната“ со Русија, соопшти американската војска.

Украинската премиерка Јулија Свириденко соопшти дека се сретнала со секретарот на американската армија, Ден Дрискол, во Украина.

„Оваа посета им дава важна можност на високите воени претставници што го придружуваат секретарот да ја проценат ситуацијата на терен и од прва рака да ги видат последиците од руската агресија“, напиша таа на социјалните мрежи.

Се очекува тимот, предводен од секретарот на Армијата на САД, Дрискол, денеска да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

 

Извештаи за тоа дека САД и Русија подготвиле нов рамковен мировен план, кој бара значителни отстапки од Украина, вклучително и откажување од територија што сè уште ја контролира и драстично намалување на големината на нејзината војска, почнаа вчера да се појавуваат во јавноста, потсетува Би-Би-Си.

 

Ниту Вашингтон, ниту Москва официјално го потврдија планот, што наводно го изготвиле пратеникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, и рускиот специјален пратеник Кирил Дмитриев.

 

Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио на социјалната мрежа Икс напиша дека постигнувањето „траен мир ќе бара двете страни да се согласат на тешки, но неопходни отстапки. Затоа ние развиваме, и ќе продолжиме да развиваме, листа на потенцијални идеи за ставање крај на оваа војна врз основа на придонес од двете страни на конфликтот“.

 

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска предупреди дека за да функционира кој било план, потребно е да се вклучат и Украинците и Европејците, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, рече дека „Украинците не сакаат никаква форма на капитулација“.

Извештаите за американско-руски мировен план се појавија истиот ден кога најмалку 26 лица загинаа во руски ракетен напад врз станбени згради во западниот украински град Тернопил. Уште 22 лица се водат како исчезнати на местото на настанот. Зеленски беше во Турција за време на нападот во Тернопил, а непотврдени украински извештаи сугерираат дека биле планирани разговори со пратеникот на Трамп во Анкара, но биле откажани.

Немаше спомнување на рамковниот план кога секретарот на американската армија пристигна во Киев доцна синоќа. Портпаролот на армијата, полковникот Дејвид Батлер, рече само дека Дрискол и неговиот тим се таму „во име на администрацијата (наТрамп) на мисија за утврдување факти, за да се сретнат со украински претставници и да разговараат за напорите за ставање крај на војната“.Тимот на Дрискол во Киев е највисоката воена група што патувала во Киев откако Трамп ја презеде функцијата во јануари. Тој е придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Ренди Џорџ, највисокиот командант на Армијата на САД во Европа, генерал Крис Донаху, и генерал-мајор на Армијата, Мајкл Вајмер.

Неименуван украински функционер за Си-Би-Ес изјави дека разговорите ќе се фокусираат на воената состојба на терен, како и на плановите за можно примирје.

„Претседателите Зеленски и Трамп веќе се согласија да го запрат конфликтот долж постоечките линии на ангажирање, и постојат договори за давање безбедносни гаранции“, рече неименуваниот функционер.

По вчерашните разговорит со секретарот на американската армија, украинскиот министер за одбрана Денис Шмихал напиша на Икс: „Се фокусиравме на следните чекори за спроведување на историските одбранбени договори постигнати од претседателот Зеленски и претседателот Трамп“.

Деталите за нацрт-планот од 28 точки на Виткоф-Дмитриев се појавија повеќе од три недели откако тие наводно поминале три дена на состаноци во Мајами, Флорида.

Би-Би-Си посочува дека европските или украинските претставници веројатно не биле вклучени во разговорите.

Повикувајќи се на лица запознаени со ситуацијата, „Аксиос“, „Фајненшл тајмс“ и „Ројтерс“ објавија дека плановите бараат Киев да се откаже од областите на Донбас во источна Украина што сè уште ги контролира, значително да ја намали големината на своите вооружени сили и да изгуби голем дел од своето оружје.

Зеленски постојано отфрла територијалните отстапки кон Русија.

Тимот на Кирил Дмитриев одби да ги коментира извештаите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, навидум ги минимизираше извештаите.

„Во овој случај, немаме дополнителни новини во однос на она што го нарекуваме „духот на Енкориџ“, изјави тој вчера за руските државни медиуми, мислејќи на Самитот во август меѓу Путин и Трамп во американската сојузна држава Алјаска.

Никакви договори постигнати за време на еднодневниот состанок не беа објавени.

Киев и неговите западни сојузници, вклучително и САД, повикуваат на итен прекин на огнот долж огромниот фронт, но Москва го отфрли тоа, повторувајќи ги барањата што Украина вели дека се рамни на де факто капитулација.

Претходно овој месец, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека предусловите на Москва за мировен договор – вклучително отстапување територија, строги ограничувања за големината на украинската војска и неутралност на земјата – не се променети откако Путин ги постави во 2024 година.

Back to top button
Close