АНАЛИЗА: Дискриминација по етнички, родов, сексуален основ најмногу претставки за работните права во Македонија
Етничката или националната припадност – најчеста причина за претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сумираните податоци за 2024 та покажуваат дека претставките најмногу се поврзани со правата од работен однос, пишува Порталб.мк. Најголем дел или 66% од потврдените случаи на дискриминација се во јавниот сектор. Новиот Годишен извештај на КСЗД стигна во Собранието – за усвојување.
Причини за дискриминација – одлуки на КСЗД
За дури 43% е зголемен просечниот број на поднесени претставки за заштита од дискриминација во 2024 та во однос на поднесените нови претставки во периодот 2021-2023. Лани во однос на 2023 та бројот на претставки е намален за 22% но тоа е поради помалиот број на поднесени повеќекратни пријави за исти настани, односно ист дискриминатори. Од вкупниот број на претставки , 27% се однесуваат на дискриминација по етничка или национална основа. Ова се дел од наодите во Годишниот извештај на Комисијата за заштита од дискриминација.
“Најчеста основа за дискриминација во 2024 е националната или етничката припадност која е посочена во 109 претставки што е 27% од вкупниот број на претставки ” – се наведува во извештајот. Според податоците од Комисијата 11% од претставките се за дискриминација поради политичко уверување.
Причини за дискриминација
Етничка и национална основа 27%
Друга основа 19%
Друго уверување 17%
Лично својство и општествен статус 14%
Политичко уверување 11%
Образование 7%
Пол 5%
Не е наведена основата 7%
Извор: Извештај на КСЗД
Во претставките кои се поднесени за дискриминација по основ на национална и етничка припадност се опфатени и други основи на дискриминирање.
“Од доставените претставки за дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, 6 претставки се однесуваат на јазик, 4 претставки на политичко уверување, 3 претставки за боја на кожа” – се наведува во извештајот.
Сумираните податоци покажуваат дека во претставките кои се однесуваат на “друга основа на дискриминација” и дискриминација по “лично својство или општествен статус” најчесто се опфатени случаи со членување или не-членување во синдикална организација, мајчинство, планирана бременост, место на живеење, степен на образование…
Лани, во 43% од усвоените мислења на Комисијата била утврдена дискриминација во областа на работата и работните односи а 20% од заклучоците се однесуваат на утврдена дискриминација во образование, наука и спорт.
И натаму јавниот сектор ја има “водечката улога” во претставките – 66% од утврдените случаи на дискриминација се во јавните, односно државните институции а како сторители се посочени самите институции, раководните и други овластени лица во тие институции. 16% од донесените мислења на Комисијата се однесуваат на дискриминација во приватен сектор по различен основ а најчесто поврзани со работата и работните односи
Во 2024 та жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основа на пол, род, образование, возраст и семејна или брачна состојба.
“Мажите почесто пријавиле дискриминација врз основи на боја на кожа, потекло, сексуална ориентација, државјанство, попреченост” – констатира КСЗД
Во 2024 та од вкупно 485 предмети за дискриминација, биле донесени одлуки за 316 од нив 48% се мислења по спроведена постапка за утврдување на дискриминација од кои во 37% е утврдена дискриминација. 52% од предметите се со заклучок за отфрлање на постапката и тоа најмногу поради неуредни документи или поради ненадлежност на комисијата