АНАЛИЗА : Долгот кон домашните кредитори достигна 4,3 милијарди еврa за една година зголемен за половина милијарда евра
Приватните пензиски фондови, осигурителните компании и банкарите – остануваат најголеми финансиери на државата. Заемите што и ги дале на Владата по основ на државни хартии од вредност се “бројат” во неколку милијарди евра. На крајот на февруари годинава долгот на државата по основ на државни хартии од вредност изнесувал 4 310 000 000 евра, со тенденција на континуиран пораст во изминатиот период , пишува Порталб. Дури 52,3% од заемите од домашните кредитори се со рок на доспевање од 15 години.

За само 5 години, долгот кон домашните кредитори речиси дуплиран
Банките, пензиските фондови, осигурителни друштва и другите пазарни играчи и годинава ќе бидат извор за “домашни пари”. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека на крајот на февруари годинава, долгот кон домашните кредитори достигна 4 310 000 000 евра. Според пресметката на “Порталб”, во однос на истиот месец лани, задолженоста на државата преку хартии од вредност е зголемена за дури 572 500 000 евра и во овој едногодишен период долгот се зголемува секој месец, во континуитет. Само во првите два месеци од оваа година, задолженоста на државата на домашен терен е зголемена за 34 000 000 евра.
Долг по основ на хартии од вредност
Февруари 2026 4 310 000 000 евра
Февруари 2025 3 737 500 000 евра
Извор МФ
Иако задолжувањата на “домашен терен” главно се објаснуваат со операцијата “нов заем за да се врати стар”, податоците покажуваат дека сепак се создава и нов долг. Само за 4 години, од јануари 2022 та година до јануари годинава, долгот кон домашните финансиери е зголемен за 1 874 000 000 евра. Во 2022 та вредноста на издадените хартии од вредност била 2 402 200 000 евра, денска сумата се доближи до 4 300 000 000 евра.
2022 2 402 200 000
2023 2 504 333 000
2024 3 123 000 000
2025 3 732 306 000
2026 4 276 000 000
Податоците покажуваа дека Пензиските фондови се најголемите кредитори на државата со нешто повеќе од 2 000 000 000 евра или со удел од 47,17% а зад нив се комерцијалните банки кои имаа купено државни хартии од вредност во износ повисок од 1 500 000 000 евра или со учевство од 35,53 %.
Домашни кредитори
Пензиски фондови 2 034 000 000
Комерцијални банки 1 531 352 000
Останати пазарни субјекти 437 000 000
Осигурителни друштва 265 220 000
Извор : МФ
Повеќе од половина од заемите од домашните кредитори , или 2 255 000 000 евра се преку државни обврзници со рок на доспевање од 15 години, 22,68% од заемот е со рок на доспевање од 1 година а 7,42% отпаѓаат на заем со рочност од 3 години. Од Владата најавуваат дека годинава ќе продолжи трендот на заеми со долг рок.
“Со цел ефикасно управување со јавниот долг, Министерството за финансии на среден рок ќе ја следи и можноста за евентуална предвремена отплата на дел од долгот, односно постигнување поповолна рочна, валутна и каматна структура на долгот” – се наведува во Фискалната стратегија.
Годинава за отплата на домашно задолжување ќе потрошиме 323 636 400 евра додека кон странство треба да вратиме скоро 1 000 000 000 евра. Од годинашниот Буџет, 6% завршуваат за отплата само на камати по основ на заеми. Годинава, според буџетските проекции Јавниот долг ќе изнесува 62%, иако во ревидираната Стратегија за управување со јавен долг 2026-2028 се нотира ниво од 60% .
“За да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост , се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок кој не треба да го надмине нивото од 60% од БДП” – се наведува во документот.
Ланската 2025 та заврши со Јавен долг на ниво од 59,6% од БДП. Годинава во апсолутен износ тој ќе се доближи до 11 000 000 000 евра. Според новите проекции на Светска банка годинава Јавниот долг ќе достигне 62,9% од БДП.






