АНАЛИЗА: Најдобрите јавни претпријатија за водовод и канализација со вкупни приходи од 144,6 милиони евра

КОЈ ПЛИВА ВО ДОБИВКА, А КОЈ ТОНЕ ВО ЗАГУБИ во водоводниот сектор

Кога зборуваме за јавните водоводни и комунални системи – од снабдувањето со вода и одведувањето отпадни води, канализациска мрежа – сите мислиме на секојдневните услуги без кои не можеме. Но, зад тие цевки, камиони и опрема тече вистинска финансиска драма. Некои претпријатија ја претвораат секоја испорачана услуга во добивка, други ја инвестираат назад во проекти, луѓе и опрема. Порталот Пари ги анализираше финансиските резултати за 2024 и 2023 година на јавните претпријатија од овој сектор. Податоците, користени од базата на Бизнис Мрежа, откриваат дека висината на приходот не е секогаш предуслов за профитабилност.

Најдобрите јавни претпријатија за водовод и канализација во земјава минатата година оствариле вкупни приходи од 114,6 милиони евра, што е за 4,56 % повеќе во однос на 2023 година, кога прометот изнесувал 109,6 милиони евра. Заедничката ланска добивка на овие 10 претпријатија изнесува околу еден милион евра и е драстично намалена во однос на преклани и тогашните околу два милиони евра. Овој сектор минатата година вработувал 5.936 лица, односно 30 вработени повеќе отколку во 2023 година. За сите нив, во секој од 12-те месеци во 2024 година била исплаќана просечна плата во износ 36,5 илјади евра, проследена со годишен раст од околу 17 %.

ГИГАНТ ПО ПРИХОДИ Е ЈП ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА СКОПЈЕ

Улогата на џин во секторот, вообичаено, ја има ЈП Водовод и Канализација – Скопје со импресивните 27,3 милиони евра приход во 2024 година, иако споредено со претходната 2023 година (28,5 милиони евра) е забележан пад од 4,18 %. Се чини дека водата во главниот град сѐ уште носи најмногу пари, но притисокот во цевките на финансискиот прилив е намален.

Веднаш зад него, но со далеку помал обем, се ЈП Комуналец Струмица со 6,19 милиони евра (+0,47 %) и ЈП Комуналец Кавадарци со 5,4 милиони евра и раст од 14,62 %, кој е еден од највисоките во групата.

Интересно, дури и помалите по приход, како ЈП Водовод Куманово и ЈП Дервен Велес, и двете претпријатија со по 4,5 милиони евра ‒ забележале солиден раст од 11,73 % и 8,40 %, додека, пак, ЈП ИСАР ПО Штип имаат благ пад (‒1,24 %).

ОНИЕ ШТО ВЛАДЕАТ СО ПРИХОДИТЕ, НЕ ВЛАДЕАТ И СО ДОБИВКИТЕ

Најпрофитабилните 10 фирми во овој сектор достигнуваат заедничка добивка од еден милион евра, која е двојно намалена во однос на 2023 година. Но, тука се крие вистинска сензација – најдоброрангираните компании по добивка не доминираат со приходите.

Лидер со добивката од 240,9 илјади евра е ЈКП Шари – Тетово, иако воопшто не е меѓу првите десет по приход. Следи ЈП Комуналец Гостивар со 173,3 илјади евра и ЈП Водовод Илинден со 140,4 илјади евра, и покрај драстичниот пад од над 52 % во споредба со претходната година.

Меѓу податоците се забележливи и изненадувачки процентуални скокови. Со навидум неверојатните 6.674,70 %, ЈП Тополка Чашка лани дошло до добивка од 19,4 илјади евра, наспроти симболичните 287 евра во 2023 година. Јавното комунално претпријатие СКОПСКА ЦРНА ГОРА Општина Чучер-Сандево, пак, со растот од 3.598,67 %, во добивката направило крупен исчекор од 489 евра (2023 година) до ланските 18,1 илјада евра.

Овој парадокс открива дека висок приход не гарантира висока профитабилност – некои водоводи можат да ја претворат секоја капка во злато, додека други, и со полни цевки, тешко ја полнат касата.

Најголемото претпријатие по приходи, ЈП Водовод и канализација Скопје, воопшто не фигурира во десетте најдобро рангирани по добивка. Минатата година ја завршило со загуба во работењето од рекордни 256 милиони денари, односно околу 4,2 милиони евра. Претходно регистрираните загуби се движеле од еден до два милиони евра.

ДЕСЕТТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА СО 5.936 ВРАБОТЕНИ

Најголем работодавач останува ЈП Водовод и Канализација – Скопје со 1.084 вработени (пад од 4,16 %). Значаен раст во бројот на вработени има ЈП ИСАР ПО Штип со 15,63 % повеќе кадар, што е највисок раст во групата – за 2024 година брои 370 вработени. Трето на листата е Јавното претпријатие за комунални дејности КОМУНАЛЕЦ Ц.О. Струмица со 337 вработени. А најмал е колективот на ЈП СТРЕЖЕВО Битола – 197 вработени за 2024 година.

Неколку компании го намалиле кадарот: ЈП Стрежево Битола (‒9,63 %), ЈП Водовод Охрид (‒5,58 %) и ЈП Водовод Битола (‒4,29 %).

Историјата и локалниот контекст играат огромна улога. Големите градски системи често имаат огромни инфраструктурни трошоци, задолжувања за проекти и социјални обврски кон локалната заедница – што го намалува просторот за високи добивки. Помалите општини, пак, со поефикасни системи и оптимизиран кадар, успеваат да извлечат максимална профитабилност од секој кубен метар вода.

Сепак, без разлика на големината, трендовите јасно покажуваат дека ефикасноста и управувањето се клучни – а не само обемот на приходите.

Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/koj-pliva-vo-dobivka-a-koj-tone-vo-vodovodniot/

Back to top button
Close