АНАЛИЗА: Раст на долговите во здравството, на општините, министерствата …

Зголемени доспеани а неплатени обврски на јавните претпријатија на локално ниво, на јавните здравствени институции, на општните, во образованието. Намалување има кај Јавните претпријатија и фирми во државна сопственост, пишува “Порталб“. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека во првиот квартал од годинава, во кој се прелеа ланската енергетска и гасна криза “зачинета” со засилена инфлација, доспеаните а неплатени обврски на институциите под “државна капа” изнесуваат 391,2 милион евра.

На новата “должничка листа” 1 231 државна институција ….

Само за три месеци значајно се зголемени доспеаните а неплатени обврски на буџетските корисници од прва и од втора линија – министерства, агенции, училишта, раст на долговите има и кај општините и на јавните здравствени институции.

Доспеани а неплатени обврски ( март 2022)

ЈП и фирми во државна сопственост                    134 000 000 евра

Јавни здравствени установи                                     85 540 000 евра

Општини                                                                         71 700 000 евра

Општински Јавни претпријатија                                65 000000 евра

Буџетски корисници – прва линија                          11 600 000 евра

Така, буџетските корисници од прва линија во првиот квартал пријавиле неплатени сметки во износ од 11,6 милиони евра додека највисок износ на доспеани а неплатени обврски имаат Јавните претпријатија и фирми основани и контролирани од државата – 134 милиони евра. Сепак оваа сума е намалена за 45 милиони евра во однос на последното тромесечје од 2021 та година. Само на јавните здравствени установи за три месеци доспеаните обврски се зголемиле за нови 17,7 милион евра додека долгот на општинските јавни претпријатија пораснал за 6,6 милион евра.

На новата “должничка листа” има 1 231 државни субјекти  но доспеани а неплатени обврски пријавиле 902 институции – 300 повеќе во однос на “должничката листа” на крајот од 2021 та година.

Долгови на општини, министерства, здравство ...

И новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека доспеаните а неплатени обврски на општините се во пораст – достигнаа ниво 71,7 милион евра што е за 3 милиони евра во однос на состојбата на крајот од 2021 та.

Доспеани а неплатени обврски ( март 2022 )

Општина Тетово                                   13,5 милион евра

Општина Охрид                                       8,5 милион евра

Општина Гостивар                                   6,4 милион евра

Општина Струга                                        3,6 милион евра

Општина Делчево                                     3,1 милион евра

На високо петто место според висината на долгот е општина Тетово со 13,5 милион евра а на осмо место е општина Охрид со скоро 8,5 милиони евра -– и двете општини имаат речиси непромената должничка позиција во однос на крајот од 2021 та . Меѓу општините со поголем  долг е и Гостивар со 6,4 милион евра – износ кој сепак е намален во однос четвртиот квартал од 2021 та година. Општина Струга пријавила доспеан а неплатен долг во износ од скоро 3,6 милиони евра со раст во однос на состојбата на крајот од 2021 та а општина Делчево има обврски во износ од 3,1 милион евра, скоро исто  колку и во последното тромесечје од 2021 та.

На новата должничка листа на првите три места се фирми под контрола на државата, МЖ “Транспорт” пријавиле долг во износ од 67,5 милион евра, МЖ “Инфраструктура” 23,3 милион евра а АД “ЕЛЕМ” 16,9 милион евра.

Според висината на доспените а неплатени обврски високо котира здравството – Јавните здравствени установи за потребите на ЈЗУ универзитетски клиники, Завод и Ургентен центар имаат долг од 14,1 милион евра , ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија должи скоро 9 милион евра,  болницата во Кичево пријавила 5,9 милиони евра а  Клиниката  за трауматологија во Скопје  4,6 милиони евра долг. Повисоки износи на доспеани а неплатени обврски имаат и Институт за трансфузиона медицина со 4,5 милиони евра и ГОБ “8 ми Септември” со  4,3 милиони евра.

Министерството за финансии на квартално ниво објавува податоци за состојбата со доспеаните а неплатени обврски на државните институции и на локално и на централно ниво. По почетокот на пандемијата се забележува пораст на долговите кои лани во споредба со 2020 та се зголемија за повеќе од 100 милиони евра.

 

Back to top button
Close