Андоновска: Починатиот од западнонилска треска е заразен во земјава
Од почетокот на годината досега во Институтот за јавно здравје биле извршени вкупно 30 тестирања за западнонилска треска, од кои кај четири лица е потврдено дека се позитивни на вирусот.
Ова денеска во изјава за медиумите го соопшти в.д. директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, откако претходно оттаму соопштија дека 78-годишен маж од Чешиново-Облешево починал од западнонилска треска на Инфективната клиника.
Две од лицата кај кои било потврдено присуство на вирусот патувале во странство, додека другите двајца, меѓу кои и пензионерот од Чешиново-Облешево, во епидемиолошката анкета рекле дека не патувале никаде.
„Првиот случај е тестиран во април, лицето е од Струмица, импортиран од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани, импортиран од Тунис, во месец јули е тестиран во Институтот за јавно здравје. Третиот случај е тестиран од Институтот за јавно здравје во месец август, човекот е од Тетово и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување. И четвртиот и последен случај е тестиран во Институтот за јавно здравје на 12 септември. Човекот е од Чешиново-Облешево и бил хоспитализиран на Инфективната клиника и, за жал, истиот е починат. При епидемиолошката анкета истиот дал податок дека не патувал никаде“,рече Андоновска.
Прашана во врска со симптомите на кои се жалел починатиот пациент, директорката на ИЈЗ рече дека од нивната епидемиолошка анкета се забележува оти тој изјавил дека чувствува вознемиреност, губење на свест, покачена температура и малаксаност.
Инаку, како што појасни Андоновска, во најголем број, односно 80 отсто од случаите со вирусот западнонилска треска не пројавува симптоми.
„Можам да кажам дека западнонилската треска во 80 отсто од случаите не дава симптоми, во 20 отсто појавува благи симптоми на грип, а во помалку од еден процент може да биде зафатен централниот нервен систем, каде може да даде енцефалит или менингит. Тоа се обично симптомите“,вели директорката на ИЈЗ.
Таа додаде дека од она што е во доменот на нивната работа, Институтот во моментов поседува тестови за испитување и потврда на западнонилска треска.
Инаку, како што претходно соопштија од ИЈЗ, во регионот на општина Кочани е забележано присуство на комарци, поради што се спроведени активности за прскање и дезинсекција.
Во општина Чешиново-Облешево и покрај планираната тендерска постапка, досега не се спроведени активности за дезинсекција.