Андрија Мандиќ останува претседател на црногорскиот Парламент, пратениците ја отфлија опозициската иницијатива

Андрија Мандиќ денеска не беше разрешен од функцијата претседател на Парламентот на Црна Гора, бидејќи иницијативата на опозицијата за негово разрешување не ја доби потребната поддршка, јавуваат црногорските медиуми.
Против разрешувањето гласаа 41 пратеник, додека за негово заминување од функцијата беа 37 пратеници, објавија подгорички „Вијести“.
Како што објави Мандиќ, за време на тајното гласање беа поделени 80 гласачки ливчиња.
Предлагачот на иницијативата на опозицијата за разрешување на претседателот на собранието, Андрија Николиќ од Демократската партија на социјалистите (ДПС), рече дека секој што денес останува надвор од пленарната сала, поднесува празно гласачко ливче или се спротивставува на разрешувањето, е „дел од злосторнички потфат“ според пресудите на Трибуналот во Хаг во случајот против генералот Ратко Младиќ.
Објаснувајќи ја иницијативата за отстранување на претседателот на собранието, Николиќ рече дека постапките на Мандиќ го нарушиле угледот на парламентот и меѓународниот кредибилитет на државата.
Непосредна причина за поднесување на иницијативата, додаде тој, е јавната изјава на Мандиќ за сочувство до семејството на Ратко Младиќ, нагласувајќи дека пресудите на меѓународните судови не се почитуваат.
Николиќ тврди дека Мандиќ го злоупотребил парламентот.Некои процедури, нагласи тој, биле прегазени, а парламентарната дискусија била сведена на чиста формалност.






