Јаневска не ја поканивме ниту да присуствува ниту да говори на собирот, велат од УСС на УКИМ
Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска соопшти дека министерката за образование Весна Јаневска, која вчера држеше говор на собирот на платото на УКИМ, каде се одржа студентскиот собир за оддавање почит на загинатите во трагедијата во Кочани, воопшто не била поканета ниту да присуствува, ниту да зборува на собирот. Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и министерката Јаневска, која беше исвиркана од студентите, беа единствените што застанаа зад микрофонот и говореа на собирот, што наиде на реакции меѓу студентите и во јавноста.
Од УСС-УКИМ велат дека сакаат да се оградат од говорот на Јаневска, за која тврдат дека ниту ја поканиле да присуствува, ниту да одржи говор. Пред студентите требало кусо да се обрати само ректорката, но не и министерката, велат од Студентското собрание.
„Нејзиниот говор, самото одржување, како и неговата содржина, не беа во агендата на одвивање на настанот. Нашата одлука, за којашто со мнозинство се изгласа на состанокот на 16 март, беше само двеминутно обраќање на ректорката во знак на солидарност и изразување сочувство“, пишува во соопштението.
УСС вчера по настанот се извини за говорите на Јаневска и Ангелова и информираше за ефектното „решение“ што го изнашле за да не можат да им ги „киднапираат“ следните планирани собири – на нив нема да зборува никој. Денеска Студентското собрание соопшти дека презема и други чекори во слична насока – поголеми собири веќе нема да организира, а студентите ќе можат да изразат сочувство на своите факултети:
„Со цел да не се создаваат поголеми гужви во моменти кога медицинската помош и полицијата се најпотребни на други локации, велат тие, големи собири по кампуси нема да се организираат, како што беше првично планирано. Активностите за искажување на почит и сочувство ќе можат да се организираат на ниво на факултети, по иницијатива на факултеските студентски собранија, а УСС-УКИМ ќе понуди логистичка помош. УСС продолжува да застапува заедништво и меѓусебна поддршка на индивидуално и колективно ниво. Овие црни денови не се моментот да се делиме, ниту да се пренасочуваме едни против други. Дозволете да се сплотиме како студенти и да си ја распределиме тагата, така е полесна!“, се вели во соопштението.
На вчерашните говори на Јаневска и Ангелова меѓу другото реагираше здружението Студентски отпор, кое остро ја критикуваше „политичката самопромоција“ на министерката и ректорката.
„Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција […] Сведочевме на срамна институционална експлоатација на трагедијата“, оцени Студентски отпор во реакцијата.