Ангелов: „Ниту еден пожар не може да се изгасне без луѓе на терен“

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, најави дека доброволните пожарникари ќе добијат институционална поддршка, а со средствата предвидени во ребалансот на Буџетот ќе се овозможи нивно поинтензивно ангажирање во текот на летната сезона.

Во гостување на телевизија Сител, Ангелов истакна дека доброволните пожарникари, кои досега функционирале како дел од тимовите за брз одговор на ДЗС, во иднина ќе бидат институционално организирани и ќе добијат поголема поддршка за својата работа.

„Тие излегуваат на терен, ризикуваат и често ја губат дневната заработка. Затоа заслужуваат соодветна поддршка за ангажманот што го имаат“, изјави Ангелов.

Осврнувајќи се на неодамнешната кризна состојба во Гостивар, тој посочи дека сите механизми за управување со кризи биле активирани веднаш по исполнувањето на законските услови, а кризна состојба била прогласена за помалку од три часа од започнувањето на постапката.

Според Ангелов, во справувањето со состојбата биле вклучени повеќе институции, меѓу кои Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и локалната самоуправа во Гостивар.

Back to top button
Close