Англија го укинува карантинот за вакцинираните патници од ЕУ и САД

Англија од следната недела на сите вакцинирани посетители од Европската унија и САД ќе им овозможи да влезат во земјата без задолжителен карантин, соопшти денеска британскиот министер за транспорт, Грант Шапс,  што е веста што долго ја очекуваа авиокомпаниите и туристичките компании.

Британската туристичка индустрија остро ја критикуваше владата за пребавното отворање на земјата, тврдејќи дека не ја искористи водечката позиција во светот со вакцинирањето, со што на ЕУ и даде предност во привлекувањето туристи.

Владата соопшти дека од 2 август сите патници вакцинирани со вакцини одобрени во ЕУ и САД нема да мора да одат во карантин. Одлуката ги опфаќа најголемите девет пазари во Велика  Британија според бројот на посетители уште од пред пандемијата со Ковид-19.

Отворањето на Англија најверојатно ќе го следи и остатокот од Обединетото Кралство.

„Патниците, меѓутоа, пред поаѓање и веднаш по пристигнувањето во Англија ќе треба да бидат тестирани за Ковид-19“, напиша министерот Шапс на Твитер.

Овој потег ќе им помогне на авиокомпаниите и туристичките агенции да го интензивираат работењето по 16 месеци ограничувања, што многумина ги доведе до сериозни финансиски тешкотии.

Акциите на „Бритиш ервејс“ пораснаа за три проценти, на „Изи-џет“ за четири и на „Виз-ер“ за пет проценти.

Back to top button
Close