Ангов: ,,Д Фест” не е приватна сопственост, туку традиција на општината и останува во Дојран!

Изненаден сум од одлуката на организаторот на ,,Д Фестивал”, тридневниот музички настан кој традиционално се одржува во Дојран од 2011 година, без воопшто да ме контактира мене, како градоначалник на општината, да продолжи со организација на настанот во Штип, наместо во Дојран, за ,,Фокус” вели дојранскиот градоначалник Анго Ангов.

Фестивалот кој годинава ќе се одржи по 15-ти пат го организира Пасворд Продукција, а општината секоја година е поддржувач на истиот. Но, пред неколку дена од продукцијата изненадија со соопштение во кое појаснуваат дека ја менуваат локацијата, па наместо во Дојран, фестот ќе се одржел во Штип, под Исарот, со променето име – „The Festival“. Од таму, се заблагодарија на Дојран за досегашното гостопримство, и порачаа дека Д заедницата расте, и како дете што го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и „Д Фестивал“ тргнува по нов пат.

Сепак, како што вели градоначалникот Ангов, Дојран нема да остане без ,,Д Фестивал” и без разлика дали зад него ќе стои Пасворд Продукција, или пак некоја друга продукција како организатор, фестот останува во нивната општина и ќе се одржи на истата локација и во истиот термин во јули.

-Можам да кажам дека Пасворд Продукција се добри организатори и имаа големи барања, на кои ние секогаш се трудевме да излеземе во пресрет. Им обезбедувавме паркинг простор, секоја година општината ја подмируваше нивната сметка за електрична енергија, која воопшто не беше мала, за три дена плаќавме и по околу 500.000 денари. Јасно ни е дека најверојатно бараат поголеми спонзори, и можеби во Штип наишле на такви. Но, да не заборавиме, фестот е традиција на Дојран и останува тука, без оглед на тоа која продукција ќе го организира!

Ние како општина им дадовме поддршка на Конкурсот на Министерството за култура за финансирање на манифестации и фестивали од национален интерес во културата за 2025 година, и Пасворд добија еден милион денари поддршка од министерството. Ако нивната одлука не се промени наредните денови, и тие се решени да организираат фестивал во друга општина, ние ќе ги превземеме потребните правни мерки, за да овие средства се искористат таму, за каде и првично биле доделени, а тоа е ,,Д Фестивал”.

Сакам да и порачам на јавноста дека ,,Д Фестивал” не згаснува, останува на иста локација и во ист термин, без разлика која продукција ќе стои зад него, затоа што овој музички настан на отворено е белег на Дојран, организиран со поддршка на општината, вели Ангов.

Додава дека првото издание на фестивалот се одржало со поддршка на општината, а по идеја на лице од Словенија, и поради големиот јавен интерес настанот станал традиционален.

Оставал простор за договор со Пасворд Продукција, но доколку во наредните денови од продукцијата не ја променат одлуката и останат на тоа настанот да се одржува во друг град, Општина Дојран ќе стапела во контакт со други продукции, кои би застанале зад организацијата на фестивалот.

Back to top button
Close