Анима Мунди: Судот денес ќе покаже дали ќе има казна за убиството на коњите во ЗОО Скопје
Граѓанската организација Анима Мунди денеска потсетува дека во Основниот кривичен суд продолжува постапката за случајот со убиените коњи во скопската зоолошка градина – случај што веќе подолго време ја вознемирува јавноста.

Од организацијата нагласуваат дека судското рочиште претставува критичен момент: ќе се утврди дали институциите ќе повлечат јасна линија против насилството врз животните, или пак ќе дозволат трагедијата да се релативизира и потисне.
Според нивните информации, дел од надлежните органи се обидуваат да избегнат одговорност со тоа што се повикуваат на ненадлежност. Анима Мунди предупредува дека ваквиот пристап би отворил простор за неказнивост и би претставувал сериозен удар врз правосудниот систем и етичките стандарди во општеството.
Организацијата потсетува дека коњите, кои се наоѓале под формална институционална заштита, биле убиени на исклучително суров начин. Овој чин, велат тие, ја шокирал државата и ја открил ранливоста на животните под државна грижа.
Анима Мунди бара судот да изрече најстроги санкции за сите лица што ќе се утврди дека биле инволвирани – како директни извршители, така и оние што со својата позиција, пропусти или премолчување придонеле злосторството да се случи. Потенцираат дека ниту поранешниот директор на ЗОО Скопје, ниту било кој член на раководството не смее да биде изземен од одговорност доколку се докаже вина.
Организацијата ги охрабрува медиумите, граѓаните и другите здруженија будно да го следат судењето, истакнувајќи дека транспарентноста е клучна за да се спречи прикривање на случајот.
„Оваа постапка е своевиден тест за државата – дали правдата навистина е еднаква за сите, или системот ќе продолжи да толерира насилство кога жртва е немо живо суштество“, порачуваат од Анима Мунди. Според нив, исходот од процесот ќе покаже дали општеството ја прифаќа бруталноста како нормална појава или ќе се спротивстави на неа со јасни санкции.






